Во вториот дел од анкетата на Телма и МЦМС беше презентирано расположението и поддршката на партиите на национално ниво пред локалните избори.
На првото прашање: Доколку утре се одржат избори за која партија би гласале, анкетата покажа водство на СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ или поконретно за СДСМ би гласале 24,3 отсто од испитаниците, а за ВМРО-ДПМНЕ 20,9 отсто. ДУИ доби поддршка од 8,8 отсто од анкетираните, БЕСА 3,1 отсто, а Алијанса на Албанците 2,7 отсто. Неопределните и оние кои одбиле да кажат за кого би гласале е над 37 отсто.
Анализирано по етнички блокови, ВМРО-ДПМНЕ кај Македонците води цел еден процентен поен во споредба со СДСМ. За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 26,6 отсто, а за СДСМ 25,8 отсто. Кај Албанците убедливо води ДУИ со 39,7 отсто, додека СДСМ и БЕСА имаат идентичен рејтингот кај Албанците – 15,1 отсто.

Најголемата промена во рејтинзите има во поддршката на граѓаните за лидерите на политичките партии. Анкетата покажа поддршка за Зоран Заев од 26,2 отсто, додека за Никола Груевски таа изнесува 19,7 отсто. Заев има 6,5 процентни поени поголема поддршка од Груевски. Не се за занемарување ниту 14 отсто од анкетираните кои одговориле дека не би дале поддршка на ниту еден.
Анкетата го покри и прашањето за излезеноста на граѓаните на локалните избори. Дури високи 79,8 отсто од испитаниците одговориле дека ќе гласаат на локалните избори. Одговор „не“ дале 9,2 отсто, додека 11 отсто се уште не знаат или не одговориле дали ќе гласаат на локалните избори.





