Последната анкета на центарот „Алфа рисрч“ и бТВ покажува дека на еден месец пред изборите во Бугарија партијата на премиерот Бојко Борисов, ГЕРБ, се мобилизира и ја зголемува разликата пред неговиот главен конкурент Бугарската социјалистичка партија (БСП). Разликата сега изнесува 5,3 отсто – за ГЕРБ во овој момент би гласале 28,5 а за БСП 23,2 проценти од испитаниците. Анкетата е спроведена меѓу 26 февруари и 1 март на 1013 испитаници. Според неа, 52,5 отсто рекле дека сигурно ќе гласаат на 4 април, а 15,3 отсто уште не знаат за кого би го дале својот глас.
Според, Борјана Димитрова, менаџер во „Алфа рисрч“, разликата меѓу двете партии не е поради растот на ГЕРБ, туку најмногу поради слабата мобилизација на БСП и нејзината лоша организациска поставеност.
Се води остра битка за третото место на изборите. Во овој момент партијата на шоуменот и десничарски популист, Слави Трифонов, Има таков народ, има поддршка од 13,3 отсто, а партијата на Турците, ДПС, 12,5 проценти. Потоа следи Демократска Бугарија со 5,7 отсто поддршка (нејзината привлечност кај гласачите се намалува), па коалицијата „Исправи се! Мутрите надвор!“ на Маја Манолова со 4,5 отсто, додека ВМРО на Красимир Каракачанов е нешто под прагот од 4 отсто и има поддршка од 3,7 проценти.
Димитрова во утринската програма на бТВ денеска изјави дека кампањата ќе биде пресудна дали формациите на Манолова и Каракачанов ќе го поминат прагот и ќе влезат во парламентот. ВМРО има стабилна база подржувачи и нејзе ѝ одговара помала излезност за да го помине прагот.
Другите партии се многу подалеку од прагот за влез во парламентот.