Пратеникот и претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права, Димитар Апасиев на денешната прес-конференција соопшти дека закажува редовна седница по поднесената претставка од Здружението „16 Март“ – здружението на родителите на загинатите деца од Кочани.
Седницата ќе се одржи на 9. декември 2025 година, со цел да не се преклопи со судските рочишта и поради симболичната поврзаност со 10 декември – Светскиот ден на човековите слободи и права.
На седницата се поканети сите членови и заменици на Комисијата, претседателот и потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи, премиерот, министерот за внатрешни работи, претседателот на државата, како и подносителите на претставката, кои ќе имаат право на обраќање.
Апасиев нагласи дека ова не е ниту надзорна, ниту јавна расправа, туку редовна седница што Комисијата ја одржува кога постапува по претставки на граѓани – пракса која и претходно постоела во парламентот. Тој потсети дека постоеле три неуспешни обиди оваа точка да се стави на дневен ред, поради што е поведена и управна постапка против претседателот на Собранието.
Во однос на паралелните иницијативи за анкетни комисии од власта и опозицијата, Апасиев објасни дека тие се ад хок тела со ограничен рок и квази-истражни функции, додека постојаната Комисија има континуитет и редовни обврски.
Во делот на новинарските прашања, тој истакна дека клучната цел е конечно родителите да добијат институционална можност да се обратат во Собранието – нешто што со месеци им било блокирано. Очекувањата од седницата се да се отвори плодна дискусија и да се понудат заклучоци со конкретни законски измени, кои ќе адресираат системски пропусти и ќе лоцираат политичка одговорност.
Природно е овој процес да го води опозицијата, а власта да партиципира. Ние наидуваме на целосна саботажа на процесот со месеци. Ако се сеќавате на претходната заменик-координаторка на пратеничката група, Дафина Стојановска која кажа дека чекаме да има обвинение за да не влијаеме на истрагата. Еве го обвинението и судењето, на ред е политичката одговорност. Затоа се овие комисии, кажа Апасиев пред медиумите.

