Алијансата за Позитивна Македонија на претстојните претседателски избори нема да поддржи ниту еден од кандидатите, изјави денеска пред новинарите, претседателот на партијата Љупчо Зиков, кој упати повик до членовите и симпатизерите на АПМ да го одберат кандидатот по своја волја.
Воедно поздравувајќи го распуштањето на Парламентот, Зиков најави дека на претстојните парламентарни избори ќе настапат како самостојна партија. Во однос на коалицирање со другите партии, претседателот на Алијансата за Позитивна Македонија потенцираше дека засега сите опции се отворени и се разгледуваат можностите, и дека за тоа ќе информираат во иднина.
Според Алијансата за Позитивна Македонија, самораспуштањето на Парламентот и распишувањето на вонредни парламентарни избори, претставува признание за немоќта на парламентарниот состав да ја води Македонија.
Главниот фокус околу кој ќе се води партијата, информираше Зиков, ќе биде економијата, односно тие ќе предложат проект за 100.000 нови работни места во сосема нови фирми во период од 2 до 4 години, и дека ќе понудат договор до граѓаните како дел од идната власт од 30.000 работни места во првите 365 дена од годината.