Јавно писмо од стручниот тим од архелошкиот локалитет Стоби, во кое наведуваат дека Паско Кузман не е човек кој на било кој начин би му наштетил на културното наследство. Еве писмото во целост:
„За сите кои за своја животна определба ја избрале оваа професија, тоа беше доживеано како јавно понижување на целата археолошка фела.
Со години наназад се што можеше да се прочита на тема Паско Кузман, археологија, антиквизација, грнињата злато, потрагата по Александар. Жално е што многу невистини беа кажани за една личност, која со огромна љубов и посветеност си ја врши својата работа, во обид професионално и објективно да го протолкува минатото, да придонесе за заштитата и промоцијата на културната историја на државата Македонија. Уште пожално е што се носат судови врз основа на искажани невистини. Ако постои вина, таа е само во огромниот напор што Паско го вложи во обидот да ги реши проблемите наталожени 50 години наназад. Вината на општеството нема само едно име и презиме, а правдата, искрено веруваме, не е само мртов збор на хартија“, пишува во писмото потпишано од стручниот тим од Стоби.
Тимот објаснува дека имало период во земјава кога археологијата била на маргините на државните интереси и стратегии, на состојбата на нашите најзначајни локалитети зараснати во трева или на музејските витрини во кои поставките едвај биле освежени со по некој нов предмет, а кои, меѓу останатото треба да се лицето на државата.
„Во минатите десетина години работите се сменија, благодарение на визионерството на човекот со три часовници. Жално е што малкумина се обидуваат да ја разберат нашата работа и проблемите со кои се соочуваме секој ден во обид професионално да ја вршиме работата. Малкумина знаат колку време, средства и напор се потребни за истражувања, конзервација, сè додека не дојдеме до презентација на ископаното, било да е објект, било да е предмет. Многумина сметаат дека предметите наутро извадени од земја, искршени во десетици парчиња или со корозија од која едвај се распознаваат, попладне треба да се конзервирани, утре идентификувани и стручно и научно обработени (патем со свртени десетици илјади страници литература од цел свет, испишани на конкретната тема, а која ја немаме по нашите библиотеки, па се снаоѓаме како знаеме и умееме), а веќе ден потоа, изложени во витрина за јавност и тоа во музеј по светски стандарди. Дали некој се запрашал зошто до сега навистина не е изложена златната маска и многу други предмети вредни за науката и нашата историја? Дали некој се запрашал која музејска куќа има соодветни услови да ги изложи? Тоа се обидува Паско да го смени, а нештата кои се заборавени со децении, не се оправаат за кратко време.
Му бил зад петици на Александар и ги барал нашите антички корени! Така е, ама и нашите бронзенодопски и железнодопски и раноантички и римски и доцноантички и средновековни. Злобниците нив не ги констатираат, зашто така им чини. Во потрага е по Александар од 10 век пред н.е. и оној од 4 век од н.е. и Александар од 13 век. Некој Александар од Вардарски Рид, од Стоби, Марвинци, Хераклеја, Скупи, Баргала, Плаошник, Кале. Само, кој го разбра Паско… Постојано со нови проекти, нови визии, нови барања, понекогаш и да се праша човек од каде толкава енергија, на која му завидуваат и помладите колеги.
За „награда“, како круна на професијата и точно пред одењето во пензија, доби лисици на рацете. Ако барем и малку го познавате, ќе сфатите дека тој не е човек кој на било каков начин би му наштетил на културното наследство, кое толку многу се труди да го заштити“, пишува во писмото од колегите на Кузман.