На последниот ден од изборниот циклус за вториот круг локални избори за градоначалник на Град Скопје, кандидатката Данела Арсовска оствари средбата со жителите од Шуто Оризари и изјави дека асфалтирани и безбедни улици и соодветна комунална инфраструктура за општината ќе бидат во фокусот на почетокот од нејзиниот мандат.
„Во текот на целата изборна кампања, посетив многу места, остварив средби со жители од сите скопски општини. Граѓаните навистина не бараат многу, а она што го бараат е лесно остварливо преку брзи и ефикасни решенија, неопходно е само подобро менаџирање. Сметам дека не е во ред општини од главниот град да функционираат како да се дел од минатиот век. Во општина Шуто Оризари, жителите сè уште газат по небезбедни калливи улици без тротоари и немаат водоводна и канализациона мрежа, немаат ни соодветно место за да го фрлаат ѓубрето. Секој од нас заслужува пристојни услови за живот, а секоја општина треба да се развива рамномерно, без стагнирање“ – истакна Арсовска.