Со новиот предлог закон за игрите на среќа и за забавните игри, освен што се нарушува конкурентноста на пазарот, новото законско решение сериозно го загрозува и опстојувањето на лиценцираните оператори и ваквите рестрикции ќе го поттикнат развојот на нелегалниот пазар и ќе ја нарушат безбедноста на играчите, велат од АСОМ.
Во предлог-законот, конкретно во член 7, се предвидува онлајн игрите да ги организира исклучиво државно трговско друштво. Тоа значи дека приватните оператори, иако со години работат со лиценци и под строги регулативи, ќе бидат целосно исклучени од пазарот.
Секторот вработува 10.000 лица, а индиректно обезбедува егзистенција за десетици илјади граѓани. Дополнителните ограничувања, како високите лиценци, одредбите за растојание во комбинација со исклучувањето на приватните лиценцирани компании од онлајн игрите на среќа, отвораат сериозни ризици за работните места и стабилноста на целата индустрија.