Author: Marija Todorovska
На дневен ред на НАТО денеска е прашањето за зголемување на производството на воена опрема, поради недоволно производство во земјите-членки, како што изјави генералниот секретар Марк Руте. Тој истакна дека Русија моментално произведува повеќе воена опрема од НАТО сојузниците и додаде дека ова не е одржливо. Руте ја истакна потребата за поголемо производство на оружје и завршување на војната во Украина, додавајќи дека НАТО не смее да дозволи понатамошна руска окупација на украинска територија.
Ароганцијата на премиерот е повеќе од очигледна – кога е во прашање одредување на најниската плата во земјата – среде општонародниот протест против постојаното ценовно стампедо што никако да добие знаци на стабилност. Без решение за кризата со цените, тој постојано бара начин да го одложи утврдувањето по која цена работодавецот ќе ја плаќа цената на трудот, која инфлацијата ја турка надолу. Мицковски смета дека работниците треба да ја сменат диоптријата со која гледаат на својата сѐ попразна трпезариска маса.
Собранието попладнево во рамки на 34. седница ја донесе Одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров и на неговиот заменик Агрон Сефери. Донесена беше и Одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование Расим Зуфери.
Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Кривичниот законик. Како што изјави претседателот Дарко Костадиновски, Судот изразил сериозен сомнеж за уставноста на оспорениот закон во целина и донел одлука да му наложи на собранието во рок од шест месеци да ги направи неопходните измени и да се усогласи со аргументите на Судот. Доколку Собранието не го стори тоа, ќе следува укинувачка или поништувачка одлука од Уставниот суд.
СМС измама стара повеќе од една година повторно кружи кај корисниците на Нетфликс. Линкот што се сугерира во пораката води до веб страница што има лого на Нетфликс, но се работи за измама – тоа не е Нетфликс! Целта на измамата е да се преземат приватните податоци и да се извлечат пари од корисниците.
Хонолулу: Вулканот Килауеа на Хаваите, еден од најактивните во светот, повторно почна да исфрла лава на Големиот остров во тој архипелаг, објавија денеска американските медиуми.
Дел од втората локомотива на товарен воз што сообраќал од Гевгелија за Солун, синоќа делумно излетал од шините во близина на градот Поликастро во северна Грција, а според генералниот секретар на синдикатот на вработени во Организацијата на грчките железници (ОСЕ) поради нанесената штета на шините за околу две месеци ќе биде затворена рутата Скопје-Солун.
Земјотрес со јачина од 5 степени беше регистриран кусо по 3 часот по локално време во близина на Санторини, а серијата земјотреси во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос продолжи и во текот на ноќта, но и претпладнево.
Еден Палестинец загина, а друг тешко повреден во израелски воздушен напад во јужниот дел на Појасот Газа, јави ДПА, повикувајќи се на палестинската новинска агенција ВАФА.
Едно лице загина, а 25 се повредени, од кои шест потешко, во судар на брз воз и камион во предградието на германскиот град Хамбург, соопшти полицијата.
Студентите од четири државни универзитети во Србија подготвуваат нова акција, а во тек е студентски марш од Белград и Ниш до Крагуевац, каде на 15 февруари ќе одржат заеднички митинг. Студентите, чии блокади на повеќе од 60 факултети траат од 22 ноември, досега беа поддржани од стотици илјади граѓани ширум Србија на бројни собири и блокади, каде со 15-минутно молчење им се оддава почит на жртвите од трагедијата во Нови Сад.
Пратениците на Европскиот парламент на пленарната седница во Стразбур разговараа за ситуацијата во Србија. Освен европските пратеници, зборуваше и еврокомесарката за проширување Марта Кос.
