Австрискиот канцелар Вернер Фајман смета дека треба да се затворат алтернативните рути, без разлика дали станува збор за Италија или за Бугарија, бидејќи, доколку тоа не се стори уште овој месец, летово Европа повторно ќе биде пред „целосно нерешлива задача“.
Во синоќешната емисија „Во центар“ на австриската државна телевизија ОРФ, Фајман изјави дека својот став во политиката кон бегалците го променил, бидејќи сфатил дека во следните години може само да очекува уште поголем број мигранти.
– Бидејќи стана јасно дека нема европско решение, одлучив да се откаже политиката на „пропуштање“. Ние не сме подготвени да примиме повеќе од 37.500 бегалци. Тоа е нашиот хуманитарен придонес, истакна Фајман.
Според него, ограничувањата за прифатот на бегалци се „план Б“ за самоодбрана.
Поради емисијата со Фајман, телевизијата ОРФ се најде на мета на критики бидејќи во Австрија е невообичаено само еден политичар да биде гостин на јавниот сервис. Коалициониот партнер – Народната партија (ОВП) остро ја нападна ОРФ истакнувајќи дека со ова докажа дека не е политички неутрална.