Запирањето на рускиот гас во моментов не е можно, а Европската унија мора да размисли за санкции кои повеќе ќе и наштетат на Русија, отколку на Европската унија. Ова го изјави австрискиот канцелар Карл Нехамер за Си-Ен-Ен.
„Австрија не е сама со овој аргумент против ембаргото за гас“, рече тој, наведувајќи ги германските и унгарските позиции. „Од друга страна, Австрија ги поддржува другите земји-членки на ЕУ во санкциите против Руската Федерација.Но, санкциите мора да ѝ нанесат поголема штета на Русија отколку на Европската Унија“, рече Нехамер.
„За нафтено ембарго веќе се разговара во Европската комисија и Советот на ЕУ. Прашањето за гасот е посебно, знаете, не само Австрија туку и Германија, Унгарија и Бугарија се против негово стопирање, на пример, затоа што зависиме од гас. Нашите индустрии зависат од гас. Затоа треба да одлучиме за санкции кои и нанесуваат повеќе штета на Русија отколку на ЕУ“, додаде тој.
На прашањето дали прашањето за ембаргото за гас може да ја „скрши“ ЕУ, Нехамер рече дека не верува во тоа.
„Сакаме да покажеме дека има единство во Европската унија, дека оваа војна мора да заврши“, рече тој.
Запрашан што повеќе може да направи ЕУ како санкции против Русија, бидејќи сегашните санкции не го спречија рускиот претседател Владимир Путин, австрискиот канцелар рече: „ЕУ има одлука да постигне независност од рускиот гас и тоа секако е желба на Австрија. Но, сега тоа не е можно. Ќе биде потребно време“.
Минатата недела ЕУ се согласи да го прекине увозот на руски јаглен како дел од новиот пакет санкции. Претходно денеска, портпаролот на германската влада Волфганг Бухнер изјави дека Германија презела чекори за намалување на зависноста од рускиот енергенс, но во моментов се противи на забраната за увоз на руски гас или нафта.