Дали лустрацијата на академиците и писателите навистина може да ги подрие темелите на македонскиот идентитет?
Писателот Димитар Башевски вели дека начинот на кој се спроведува лустрацијата е спорен и од правен и од вредносен аспект. Со избегнувањето да се лустрираат луѓето што сега се на власт, а се лустрираат видни творци од повоениот период, се удира по виталните точки на македонската национална и државна опстојба, вели писателот Башевски за Слободна Европа.
„Окуражени од самиот државен врв, луѓето од Комисијата за лустрација, но не само тие, еден број луѓе, некритични, врзани за дневните интереси со власта, негираат речиси сè што е создадено во изминатите децении по војната, тврдејќи безмалку дека македонската државност почнала во последните седум години.
– Тоа се, се разбира, наизглед бесмислици, меѓутоа се редат во некој систем и во некој ред, опасен за самата наша национална, државна и културна егзистенција. За луѓето од страна, ова може да звучи чудно кога се случува во 21 век, но знаејќи ја македонската историска позадина, можат да се извлечат објаснувања и за денешните процеси и збиднувања“, вели Башевски.