Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, денеска нагласи дека треба сите институции и политички партии да работат на отстранување на пречките за нормално функционирање на Специјалното јавно обвинителство.
– Ги поттикнуваме сите политички партии и институции да работат на отстранување на сите пречки за СЈО. Тоа е многу важно за воспоставување одговорност за прислушувањето и разговорите кои произлегоа од него, изјави амбасадорот Бејли при неговата денешна посета на мегалитската опсерваторија Кокино каде што најави инфраструктурни реновирања на локалитетот, финансирани од УСАИД и Владата на Швајцарија преку проектот за експанзија на мали бизниси и локалната акциска група Абер 2015.
Како што рече амбасадорот, многу е важно и нормалното работење во Парламентот и порача дека одговорност е на партиите е да продолжат да го спроведуваат Пржинскиот договор и да ја движат Македонија кон членство во ЕУ и НАТО.