Затворската казна за Кежаровски е скандалозна, посочи денеска Весна Бендевска од СДСМ. Според неа, во услови кога целата јавност, меѓународните организации и експертската јавност очекуваа ослободување на новинарот Томислав Кежаровски, и се укажуваше на злоупотреба на мерката притвор, се работи за потврда на оценките за Македонија од најрелевантните меѓународни организации дека во земјата се практикува „селективна правда“.
„Загрижувачка е леснотијата со која се изрекуваат вакви пресуди кои ги рушат основните човекови права и слободи кои креираат човечки трагедии, а на семејството Кежаровски му нанесуваат дополнителна животна драма“, изјави Бендевска.
Според неа, денешната пресуда испраќа порака за цензура насочена кон останатите новинари и медиумски работници.
„За дискутабилноста на оваа пресуда и целокупниот процес „Ликвидација“ јасно говори и реакцијата на Дуња Мијатовиќ, специјалниот претставник на ОБСЕ за слободата на медиумите во Македонија, која вели дека е „згрозена од денешната пресуда“ на македонските судови“, надополни пратеничката на СДСМ.
Таа рече дека со ова, се продлабочуваат сомнежите дали можеби на Кежаровски му е изречена казна за некое друго дело, кое не е поврзано со процесот „Ликвидација“.