Денеска остварив средба со ИВАП, организацијата која здружува 26 компании од ивент индустријата, напиша Битиќи на Фејсбук.
„Ставив јасно до знаење дека финансиската поддршка е тука, подготвена за оваа индустрија за што во текот на следната недела ќе биде објавен јавен повик за организирање на настани од јавен интерес, на тема „30 години независност“ – тука не станува збор за државни настани, туку за настани со содржина и цел која самите апликанти ќе ги искреираат. Прифативме најголем дел од сугестиите со кои повикот навистина ќе се подобри и унапреди. Но, барањето на ИВАП, од јавниот повик да бидат исклучени одредени дејности и одредени компании не го прифативме од неколку причини:
– Државата не може да е за некого мајка за некого маќеа. Во оваа криза сите сме погодени и треба да се грижиме никој да не биде исклучен од можноста, доколку ги исполнува критериумите
– Јавниот повик ќе има јасни критериуми кои ќе овозможат помошта да стигне до оние кои се вистина погодени и кои навистина сакаат да работат (еден од нив е и критериумот за пад на приходи)
– Владата ќе ја оценува (бодува според критериуми) секоја апликација поединечно, бројот на апликанти не влијае врз оценките за секоја индивидуална апликација. Односно дали еден предлог проект ќе биде поддржан никако не зависи од тоа колку апликации пристигнале
– Обврска на Владата е да креира праведни и правични услови а не да исклучува“, вели Битиќи.
“Целиот мој живот слушам за како нашата држава нема систем. Но, не можеме да очекуваме тој да се создаде сам од себе ако го заобиколуваме секој пат кога тоа ни оди во прилог. Овој повик и оваа мерка е типичен пример кој покажува дека Владата слуша, прифаќа, подобрува и обезбедува мерки и поддршка за сите на кои тоа им е потребно. Вака се гради систем – праведен и правичен. Велат, во криза – вложувај! Јас вложувам во системот на нашата држава“, стои во објавата.