Русија ја одбележува 70-годишнината од советската победа во битката за Сталинград во која нацистите го доживеаја првиот голем пораз во Втората светска војна. Русите ја одбележуваат како настан кој го сопре ширењето на нацизмот во Европа.
Илјадници луѓе од сите генерации од утрината се собираа во центарот на градот за да ја проследат воената смотра.
Претставниците на власта, премиерот Дмитриј Медведев, воени ветерани и членови на комунистичката партија положија венци и црвени каранфили пред споменикот назнајниот јунак во Алејата на хероите.
Во рамките на заживување на патриотизмот кај младите генерации, руските власти големо внимание му посветија на одбележувањето на 70-годишнината од победата на советската Црвена армија над нацистите во пресудната и извонредно сурова битка од 2-ри февруари 1943 година.
Градот кој во царска Русија се викал Царичин, во 1925 година е преименуван во Сталинград, според советскиот лидер Јосиф Висарионович Џугашвили Сталин, а во 1961 година во Волгоград (според реката Волга која минува низ него) во времето на десталинизацијата на СССР којашто ја покрена Никита Хрушчов.