На лидерот на СДСМ, Зоран Заев му било наредено да гостува во Дневникот на телевизијата Канал 5, тврди за НОВА главната уредничка Лидија Богатинова.
Се работи за медиумот чиј сопственик Емил Стојменов во неколку од “бомбите“ кои ги објавуваше Заев, се слуша како разговара со владини функционери за презентирање на нарачани материјали.
На прашањето да го разјасни делот од вчерашното интервју, во кој таа вели „Интервјуто немаше да се случи доколку не ви беше наредено“, Богатинова вели дека одговорот треба да се бара кај лидерот на СДСМ. Таа тврди дека Заев се одзвал на поканата откако го канела на интервју десетици пати.
За ова тврдење, како што вели таа, сведочеле преписките меѓу нејзе и Зоран Заев.
– За тоа кој му наредил ќе го прашате него. Тој нека ви одговори, тој се одзва да гостува после многу повици, изјави за НОВА главната уредничка на Канал 5.
Ваквото тврдење лидерот на опозицијата го отфрла.
– Не постои таков. Ако има таков а јас не го знам, слободно (Богатинова) нека каже, вели Заев.
Богатинова истовремено ги отфрла и критиките и тврдењата на социјалните мрежи, сметајќи дека таа интервјуто го спровела професионално, надополнувајќи дека нејзе апсолутно никој и нема дадено наредба да го спроведе интервјуто.
Во однос на тоа дали некогаш се соочила со притисок за време на нејзината работа, одговара дека, ако досега чувствувала притисок ќе си заминела од телевизијата.
Во поглед на медиумите, социјалните мрежи денеска се полни со реакции и за денешните одлуки досегашниот уредник на Јавниот сервис, Горан Петрески да биде назначен на истата позиција во дневниот весник „Вест“, како и промената на Соња Крамарска од уредничкото место во „Утрински весник“.
Петрески одби да коментира за НОВА за неговата нова работна позиција, по што се разликува предизвикот да се води државната телевизија од „Вест“. Рече дека нема потреба да ги образложува личните одлуки.
Непродолжувањето на договорот на досегашниот уредник, и основач на „Вест“, Горан Михајловски беше проследено со реакции и од неговите колеги, кои неодамна рекоа дека се плашат од промена на уредувачката политика на весникот.
Михајловски пак, во последната популарна колумна „Сакам да кажам“, изрази жалење што менаџментот не успеал да го заштити „Вест“ од политичката криза.
– Жал ми е што и покрај тоа што сопственици на компанијата се едни од најуспешните бизнисмени во земјава и во регионот, тие не успеаја да го заштитат весникот од политичката криза. Жал ми што и врвниот светски политичар и дипломат Срѓан Керим, како еден од газдите и заштитно лице на успешната компанија МПМ, не успеа да ги заштити јавниот интерес и “Вест”од политичката криза, напиша Михајловски.
За продолжување на неговиот договор со менаџментот разговарал и првиот човек на ЗНМ, Насер Селмани, кој воедно и работи во весникот, кој порачал дека Михајловски треба да остане.
– Разговарав со менаџментот и им реков дека Горан не би го менувал но сепак последната одлука ја има менаџментот. За понатамошните успеси или назадувања на весникот, тие ќе треба да ја сносат одговорноста, коментира Селмани за НОВА.
Од друга страна, Крамарска се уште не знае кој ќе ја наследи на нејзината позиција а во образложението кое го добила, помеѓу другото се вели дека ја менуваат поради лошата финансиска ситуација и намалениот тираж на „Утрински“.
За притисоците вели, редовни се.
– Тие се редовни, јас можам само да шпекулирам, но се знае во какви услови работат медиумите во Македонија, вели Крамарска.
Кревкоста на македонската медиумска сфера, покрај од домашната јавност е постојано критикувана и во меѓународни извештаи како и европските, односно извештаите за напредокот на земјава на својот европски пат.
Од Македонија постојано се бара спроведување на веќе неколкупати порачаните реформи, но овој сегмент од општеството е очигледно премногу важен за имиџот на политичката елита за така лесно да се прости од него.
Во застој се преговорите за краткорочните и долгорочните медиумски решенија кои треба да произлезат од работните групи на политичките партии задолжени за спроведување на Договорот од Пржино, а на истото потсетија и вчера европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан.
За опозицијата, се додека не се постигне договор за релевантноста при известувањето на медиумите пред и за време на изборите, Пржинскиот договор е во ќор-сокак.