Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 за предметот „Рекет“, со што ја укина мерката притвор и определи мерка куќен притвор.
„ Апелациониот суд Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави решение КОКЖ – 68/20 со кое жалбата на обвинетиот Б.Ј., осуден со првостепена пресуда по предметот КОК бр. 116/19 во јавноста познат како „Рекет“, изјавена преку неговиот бранител, се уважува.
Решението на првостепениот суд се преиначува на начин што се укинува мерката притвор према обвинетиот Б.Ј. и се определува мерка куќен притвор“ соопшти Кривичниот суд.
Бојан Јовановски во моментов, според информациите од неговиот адвокат Сашко Дукоски, е хоспитализиран во болница, а во текот на денот ќе биде отпуштен и однесен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари за да го прими решението за куќен притвор, од каде што со придружба ќе биде однесен дома.
Дукоски вели дека по операцијата добиле три отпусни писма во кои пишува дека мора да биде ставен под строг диететско-хигиенски режим бидејќи во спротивно следната операција на Јовановски би можела да значи и отстранување на желудникот.
Судот на 18 јуни годинава на Бојан Јовановски – Боки 13 му изрече затворска казна од девет години како првообвинет во предметот „Рекет“.