Руските универзитети се исклучени од Болоњскиот процес, информираше заменик министерот за наука и високо образование, Дмитриј Афанасиев.
Болоњската група на 11 април соопшти за укинување на застапеноста на Русија и на Белорусија во сите поврзани структури, појасни Афанасиев, јавија руски медиуми.
„Бидејќи нашите ректори, раководители на образовни институции го потпишаа обраќањето на Рускиот сојуз на ректори за поддршка на претседателот во врска со специјалната воена операција, па сите образовни организации во земјата се исклучени од Болоњскиот процес. Јас би рекол дека Болоњскиот систем нè напушти нас, а не ние него“, изјави заменик министерот.
Како што тој додаде, воведувањето на основни и мастер програми, не го подобри нивото на компетентност на студентите.
До Болоњскиот процес дојде, откако министри за образование од 29 европски држави во Болоња во 1999 година потпишаа Болоњска декларација за реформи на системот на високото образование во Европа.