Актуелниот бугарски премиер и лидер на партијата ГЕРБ која победи на парламентарните избори минатиот викенд поднел барање до Централната изборна комисија за откажување од пратеничко место во идниот бугарски парламент. Ваквата информација ја соопшти самиот додавајќи дека не му е потребна заштита од кривичен прогон.
Во новоизбраниот парламент влегуваат вкупно шест, делумно меѓусебно раскарани партии, а засега нема јасно мнозинство за состав на влада. Борисов тешко би успеал да формира нова владина коалиција, особено откако четири партии откажаа желба да владеат заедно со ГЕРБ.
Новата парламентарна партија „Исправи се! Мафијата надвор!” бара формирање комисија за испитување на работата на владата на Борисов, а досегашната опозиција од Социјалистите и протестните партии го обвинуваат Борисов и неговата коалициона влада за корупција.