Марина Тунева: Во декември 2024 година, Oxford University Press го прогласи „brain rot“ (или мозочна атрофија) за збор на годината, термин што совршено ја опишува менталната деградација предизвикана од бескрајното изложување на дезинформации, политички спектакли и токсични онлајн содржини. Ова не е случајност, живееме во пост-ТРАМПандемиска ера, каде што глобалните, па и локалните случувања, покажуваат како импулсивните политики може да создадат празнини што ги пополнуваат поларизацијата и говорот на омраза. Кога развојната помош станува инструмент за казнување, не се повлекуваат само ресурсите, се повлекува и здравиот разум. Кога фактите стануваат дискутабилни, а нестабилноста се нормализира, последиците не се само политички, туку и цивилизациски. Историјата покажала дека ваквите празнини никогаш не остануваат празни. Прашањето е кој ќе ги пополни и со што. „Brain rot“ можеби е зборот на годината, но дали ќе стане и дијагнозата на нашето време? Или, пак, епитаф на критичкото размислување!