На препорака на новиот в.д. директор Виктор Илиески, а со решение на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, денеска е назначен новиот Управен одбор на НУ Македонска филхармонија. Бранка Костиќ Марковиќ е претседател, а нови членови се Фросина Балова, Лада Шоптрајанова-Петровска и Александар Стојчески – објави порталот „Ако.мк“.
Претседателот и сите членови на новиот Управен одбор се академски музичари со долгогодишен придонес во негувањето, развојот и афирмацијата на македонската музичка уметност во земјава и во странство.
Бранка Костиќ Марковиќ почнала да свири виолина кога имала шест години. Основното и средното музичко образование ги завршила во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, а дипломирала на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во првата генерација студенти на одделот по етномузикологија. По дипломирањето, ги завршила и последипломските студии и се здобила со титулата магистер по музички науки.