Потрагата по третиот македонски државјанин, кој заедно со уште двајца негови сонародници, исчезнаа викендот во Егејското Море, кај Халкидики, според грчките закони, треба да запре денеска. Но, семејството не губи надеж дека и нивниот Мартин е жив и ќе биде извлечен.
Неговиот брат, Горан Јовановски упати јавна благодарност до грчката спасувачката екипа ОФКАТ, како и до Генералниот конзулат на Македонија во Солун, но и апелира до македонскта влада и Министерството за надворешни работи (МНР) да се најде начин за продолжување на потрагата по Мартин.
„Јас сум братот на Мартин и упатувам голема благодарност до ОФКАТ екипата спасувачи од Грција и до Генералниот конзулат во Солун кои изминатите три дена се заедно со нашето семејство во потрага по нашиот Мартин“, напиша тој на Фејсбук.
Не смееме, вели тој, „да дозволиме да се откажеме додека не биде пронајден Мартин“.
„Мојата мајка и нашето семејство и пријатели сè уште веруваме и се надеваме дека Мартин е жив и ја чека нашата помош и затоа апелираме до македонската Влада и нашето МНР да помогнат да се најде начин да продолжи потрагата по Мартин, бидејќи според грчките закони потрагата од нив ќе заврши денеска на четвртиот ден. Затоа апелираме до Владата да помогне и воедно молиме македонските граѓани да помогнат доколку се во можност, а за чија помош би можела владата да организира некаква акција. Не смееме да дозволиме да се откажеме се додека не се пронајде Мартин“, додаде Јовановски и замоли неговиот Фејсбук пост да биде шеруван до сите кои би можеле да помогнат во овие исклучително тешки моменти за нашето семејство.