Средбата помеѓу македонските лидери, комесарот Хан и европскиот пратеник Иво Вајгл започна утринава во 11.30 часот и до моментот во кој го пишувам овој текст, нема никаква официјална информација за текот на разговорите. На разговорите присуствуваат и амбасадорите на ЕУ и САД во Македонија Орав и Бејли.
Според еден од портпаролите кој помина низ прес салата околу 16 часот, на средбата имало се повеќе и повеќе притисок врз лидерите за да се дојде до некаков договор. Имаше и неофицијална најава дека ќе биде испратено соопштение околу 17 часот но тоа соопштение не дојде па неизвесноста за тоа што се случува продолжува.
На прашањата на присутните новинари кога можат да се очекуваат првите информации, вообичаениот одговор кој доаѓа од салата на преговорите е кус и вели дека разговорите течат.
Од сите присутни на средбата само лидерот на опозицијата даде изјава при влегувањето на состанокот во која тој го повтори својот став дека тој нема да отстапи од барањето за преодна влада во која нема да има место Никола Груевски.
– Се надевам дека денеска ќе сфати Европската Комисија. Ако и денеска не сфати, можеби после 10 дена ќе сфати, или после 20, но апсолутно немаме кај да брзаме. Знаеме дека е важно да добиеме позитивна препорака од ЕК, но пред се, и над се, мора да имаме слободна и демократска земја, додаде Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не даде изјава и не е сосема јасно кои се барањата на владеачката партија освен тоа што се согласиле за избори во април 2016 година како што беше договорено во Скопје на 2 јуни.
Со оглед на недостигот на било каква информација од средбата очигледно е дека преговорите се влезени во интензивна фаза. Според Плусинфо, Заев би можел да ги напушти преговорите, ако и понатаму се инсистира на предлогот мандатот на техничката влада, за која наводно има согласност, да биде само 3 до 6 месеци, како што посакува Груевски кој, исто така, не сака да го напушти премиерското место барем до декември оваа година.
Утринава Хан на Твитер напиша дека денеска е круцијален ден за политичките лидери на одржлив начин да ја решат политичката криза а непосредно пред стартот на средбата тој изрази надеж дека денеска ќе биде убав ден за иднината на земја.
Последните неофицијални информациите најавуваат дека средбата би можела да трае до доцна во ноќта.
НОВА останува во Европската комисија до крајот на преговорите.

