Шефовите на европските дипломатии најавија дека на есен можеби нема да ја повторат препораката за преговори за членство.
На дискусијата за Македонија во Луксембург во понеделникот земјите членки се поделиле главно на две групи. Една група земји членки помеѓу кои Словенија или Шведска, се залагале да се задржи перспективата за поддршка на Македонија во евро-интеграцијата. Но, некои поголеми земји, како Холандија или Велика Британија, сметале дека она што се случува во Македонија како и содржината на снимките што ги објави опозицијата, води до заклучокот дека Македонија не ги задоволуваклучнитестандарди за демократсковладеење. Штозначи дека овиеземји отворено се залагалеповеќе да не и се дадеподдршка на препораката за членство.
Но, дискусијата во Луксембургуспеа да најде еден вид компромис со кој сите се согласиле а кој го дала, според нашите информации, Германија. Компромисот се состои во тоа што заклучоците не ја подвлекуваат «силната посветеност на ЕУ перспективите на Македонија» како што било предвидено. Преведено од дипломатскиотјазик, тоа значи дека ЕУ испраќа силна и остра порака до Македонијадека препорака за членство нема да има доколку не се најде политички договор.
Два европскисписока со препораки
Заедно со заканата за одземање на препораката, ЕУ испрати и рецепт за лекот кој тоа може да го спречи. Прво, договор на партиските лидери на 29 јуни. И потоа, доследно спроведување на препораките на извештајот на Групата сениор експерти кому медиумите му го дадоа името “Прибе извештај” според името на шефот на оваа експертска група.
За да нема забуна, мора да се спомене дека постојат два списока европски препораки. Едните се на самата ЕК а вторите се наоѓаат во“Прибе извештајот”. Двата списока се дополнуваат и двата треба да се спроведат.
Денес во ЕУ никој не се осмелува да се опклади дека на 29 јуни ќе има договор помеѓу лидерите. Извештајот на Прибе е скапоцен и конкретен придонес за вистинска демократизација на земјата. Но прашање е дали пред се ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер ќе се согласат за целосно спроведување на овој извештај кој недвосмислено констатира цела серија проблеми за кои, како што вели и извештајот, е пред се одговорна власта.
Без гаранција за успех Хан не доаѓа во Скопје
Ќе го видиме ли Хан во Скопје на 29 јуни?
Оттука, поради овие сомнежи, ЕК се уште не го потврдува присуството на комесарот Јоханес Хан на оваа средба закажана во Скопје.
Дипломатските извори на НОВА велат дека посетата ќе биде најавена доколку од Скопје стаса еден вид гаранција дека лидерите ќе можат да постигнат договор. Во спротивно, Хан нема намера да се прошета до Скопје за да заклучи дека и оваа средба била неуспешна. Затоа оваа недела амбасадорите на ЕУ и на САД во Македонија се растрчани на сите страни и се обидуваат договорот да го направат пред 29 јуни. Само така Хан би се согласил да дојде и да го “аминува” идниот договор.
Во ЕК сметаат дека извештајот на Прибе е нивен огромен придонес за иден успех на лидерските преговори но сметаат исто така дека сега е време и македонските партии да покажат политичка волја.
Има ли политичка волја?
Оваа политичка волја ќе треба да се претвори во искрена желба за примена на извештајот на Прибе. Тоа го подвлекуваат и шефовите на европските дипломатии во нивниот луксембуршки заклучок.
Советот повикува на примена на сите препораки на Комисијата, почнувајќи со приоритетите за итна реформа, во однос на владеењето на правото што произлегува од актуелната криза, вклучително прекршувањето на фундаменталните права, судството, слободата на медиумите, изборите, корупцијата, политизацијата на државните институции и мешањетодржава-партија и замаглувањето на надзорот.
Примената на овие препораки ќе биде внимателноследена од страна на ЕК, предупредува министерскиот заклучок сакајќи да порача дека овој пат нема така лесно да ја излажеме ЕУ, да и ветиме реформи и да донесеме закони кои потоа не се спроведуваат.
Впрочем, Прибе извештајот вели дека македонските закони се сосема добри. Проблем е што не се применуваат. Власта со години вели дека прави реформи но редовно заборава да каже дека тие реформи остануваат мртва буква на хартија.
Дијагноза и лек
Според информациите на НОВА, постојат повеќе идеи како да се применуваат овие препораки и како нивната примена да се контролира.
Така на пример, една од идеите е да се формираат работни групи во кои ќе учествуваат сите четири (или повеќе) партии. Групите би си ги поделиле задачите и би донеле заклучоци за начинот на примена на препораките.
Комисијата вели дека таа ќе ја контролира примената на препораките пред се преку идниот извештај за напредок кој ќе биде објавен наесен.Но, Комисијата има и други инструменти кои можат повеќе да здоболат. Засега, на маса се препораките и лидерската средба и засега ЕК не сака да зборува за поостри мерки. Но, може дa се каже дека една од нив е токму одземањето на препораката, но и замрзнување на финансиската помош.
Рајнхард Прибе
Извештајот на Прибе дава дијагноза но и лек за утврдената болест. Така на пример, документот вели дека за истрагите за откриените кривични дела од прислушувањето „треба да бидат сериозно разгледани без двоумење и страв, на неселективен начин, при што приоритет треба да бидат оние со најсериозни злоупотреби. Ефективната истрага може да побара одземање на датотеките и сите достапни архиви од УБК и од телекомуникациските оператори и нивна споредба со издадените судски наредби. Онаму кадешто е потребно, истрагата може да ја разгледа можноста за меѓународна помош и експертиза, на пример во враќањето на избришаните датотеки“, вели извештајот кој претпоставува дека некои фајлови во УБК биле избришани. Македонија е таа која треба или сама да го реши проблемот или да побара експертска помош.
Првиот испит е закажан за втората половина на јули на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација кој ќе очекува детални извештаи за конкретните преземени акции и оние предвидени во следнитемесеци.
И покрај сета јасност и отвореност на овој извештај за сето ова е потребна пред се политичка волја. Дали македонските политичари ја имаат? Одговорот на ова прашање наскоро ќе стаса.