Британската влада е на стаклени нозе, премиерот Борис Џонсон одбива да поднесе оставка, а бројот на лица кои ги смени во последните 48 часа се доближи до 50. Последен во низата е министерот за станбено згрижување, изградба и заедници, Мајкл Гав кој го повика Џонсон да се повлече од функцијата, пренесува „Би-Би-Си“.
Џонсон, и покрај сè побројните притисоци, не сака да поднесе оставка и верува дека и натаму може да ја води владата, Конзервативната партијата и земјата, иако неговата влада во изминатите два дена, на различни нивоа, ја напуштија, речиси, 50 министри и заменици кои истовремено се членови на Застапничкиот дом во британскиот парламент.
Гав, кој беше и противкандидат на лидерските избори, важеше за еден од најсилните и најпознати министри во владата на Џонсон. Покрај него, на британскиот премиер му завртеа грб и уште неколку луѓе кои му беа блиски соработници. Синоќа и Брендон Луис, министер за Северна Ирска, кој напушти бродот што тоне.
„Ви дадов сомнеж на Вас и на луѓето околу Вас. Оваа влада ја бранев и јавно и приватно, меѓутоа дојдовме до точка од која нема враќање. Не можам да го жртвувам својот личен интегритет за да ги бранам нештата какви што се во моментот. Јасно е дека нашата партија, колегите пратеници, волонтерите и зселата земја заслужуваат подобро“, наведе Луис во писмото со оставка.
Слична порака на Џонсон му испрати и Демиан Хиндс, кој досега беше на функцијата министер за сигурност. Тој потсети на некои добри, но и на некои лоши работи што се направени во изминатиот период.
„Дојдов до заклучок дека вистинската работа за нашата држава и партија е да се повлечете од позициите лидер и премиер. Се надевав дека и досега ќе тргнете по овој курс по сопствена волја. Но, бидејќи стана јасно оти планирате да останете, не можам да продолжам да служам во вашата администрација“, напиша Хиндс.
Вчера оставки поднесоа и министрите за здравство, за финансии, за извоз и рамноправност, што изгледаа како завршни удари за Џонсон, кој по „партигејт“, несмасно се обиде да се извини за уште еден скандал. Министрите Саид Џавид и Риши Сунак јавно го поддржува Џонсон во повеќемесечниот скандал со организацијата на забави во неговата канцеларија и резиденција со кои беа прекршени строгите рестриктивни мерки против ковид-19.
Нивните оставки следеа, откако Џонсон се извини за, како што рече, грешката бидејќи не сфатил оти поранешниот министер Крис Пинчер, чија улога беше да одржува дисциплина меѓу ториевските членови на парламентот, во алкохолизирана состојба се закачил со двајца колеги.
„Мислам дека тоа беше грешка и се извинувам на сите на кои им влијаело. Сакам да биде јасно дека во оваа влада нема место за било кого кој е насилник и ја злоупотребува својата положба“, рече Џонсон.
Пинчер со години го обвинуваа дека е алкохоличар и дека има склоност за сексуално вознемирување на жени. Критичарите и тврдат дека Џонсон го знаел тоа, но спас за премиерот, според нив, се чини е што конзервативците немаат решение за лидер. Поранешни министри го обвинуваат Џонсон дека не е способен да ја води администрацијата по одредени стандарди.
„Ефикасно управување неизбежно бара лојалност и колективна одговорност. Јас сум тимски играч и во целост, во минатата година, се посветив на ефикасно управување. Но, одењето по јаже меѓу лојалноста и интегритетот стана невозможно во последните месеци. Господине претседавач, никогаш нема да ризикувам да го загубам сопствениот интегритет“, рече Саид Џавид.
Со Џонсон од утрово се занимаваат бројни британски, но и светски медиуми. „Сан“ на насловната страница објави наслов „Ќе морате да ги натопите рацете со крв за да ме тргнете“, порака која, според извори на медиумот, Џонсон ја праќа до неговите ривали.
„Дејли меил“ го опиша вчерашниот ден како „ден на немирна драма“ за Џонсон со „бура од оставки“. „Гардијан“ го опишува Џонсон како заблуден очајник кој се одржува на власт, „Дејли телеграф“ пишува дека премиерот и натаму инсистира на борба и покрај јавната побуна, додека „Тајмс“ излезе со наслов дека „Џонсон се бори за својот живот“.
Некогашниот спин доктор на лабуристите, Тони Блер претпладнево за „Скај њуз“ изјави дека и мачорот Лери, кој е позната како „главен ловец на глувци“, би бил подобар премиер на Велика Британија од Борис Џонсон.
Меѓу граѓаните на Велика Британија, пак, има поделени мислења за оставката, иако сè помал е бројот на луѓе кои сметаат дека Џонсон е добар премиер.
„Депресивно. Тоа е сè што можам да кажам. Тие не знаат што прават. Борис мора да замине“, изјави Џо Паркер, менаџер од Лондон.
„Мислам дека треба да остане. Направи неверојатна работа околу Брегзит, со ковид-19, ја поддржа Украина“, вели банкарот Ричард Шустер.
Џонсон пред парламентот вчера порача дека се чувствува способен да се носи со новите предизвици на премиерската функција и да продолжи со својата работа.
„Каков патетичен спектакл. Смртен чин на неговата политичка кариера и папагалско повторување на глупости“, вели лидерот на опозициските лабуристи, Кир Стармер.
Иако добар дел од ториевците е заморен од бранење на Борис Џонсон, а барањата за негова оставка се сè погласни, сепак, Владата ги пополни редовите и продолжува со работа.