Денеска почина трет бугарски граѓанин кој пред 15 дена се самозапали во текот на протестите против растечката сиромаштија и корупција во земјата, јавува МИА. Венцислав Василев, 53 годишен невработен татко на пет деца се поли со бензин пред канцеларијата на градоначалникот на градот Раднево. Во болница бил примен со изгореници на повеќе од 75 проценти од телото, по што денес почина. Минатиот месец и 36-годишниот Пламен Горанов се самозапали пред градското собрание во Варна, по што следеше и оставка на премиерот Бојко Борисов.
Во меѓувреме, протестите против незадоволството од политичката елита и економската ситуација продолжуваат. Во Софија демонстрантите привремено ја блокираа главната железничка станица бидејќи властите сакале да ја продадат. Во Благоевград полицијата ги спречи демонстрантите да го блокираат патот Е-75 кон Грција. Информацијата дека на состанокот на Советот за национална безбедност било разгледувано прашањето за воведување вонредна состојба во земјата ги револтира граѓаните. Од друга страна, бугарскиот претседател најави дека новата вонредна влада ќе се фокусира на економијата и подобрувањето на животниот стандард на Бугарите.