Бустер дозата би можела да ги намали идните хоспитализации во Европа за најмалку половина милион, објави денеска агенцијата на Европската унија за јавно здравје, иако варијантата омикрон невидено се шири.
„Тековната примена на бустер дозата постигната до почетокот на јануари би можела да го намали болничкиот прием на пациенти заразени со омикрон за 500.000 до 800.000“ во Европа, соопшти Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).
Податоците вклучуваат 27 држави од Европската унија и Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Во моментов, 70 отсто од населението на Унијата се целосно вакцинирани, а половина од нив примиле бустер доза.
„Проширувањето на програмата на бустер на сите претходно вакцинирани лица може да го намали приемот во болница за дополнителни 300.000 до 500.000 луѓе“, соопшти ЕЦДЦ.
Иако бројот на заразени со омикрон се зголемува со досега невидена брзина, со стапка на зараза три пати поголема од досегашниот врв на зараза, многу земји веќе би можеле да бидат на пресвртница.
„Иако во некои земји-членки се чини дека неодамна имаа врв на заразата, пандемијата не е завршена“, потсети еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес.