Две години и шест месеци казна затвор за Захир Бекири Чауш и парична казна од 123.000 денари за сторени две кривични дела – фалсификување на исправа и злоупотреба на податоци.
Казната затвор се однесува на фалсификување на исправа додека паричната на злоупотреба на податоци. За истите дела е осуден и брат му Имер Бекири, на една година затвор и парична казна од 61.500 денари.
Судот одлучи предметите за коишто пресуди дека се поврзани со кривичните дела да се одземат. Исто така судот ја укина мерката притвор се додека пресудата не стане правосилна, а Обвинителството има рок од 48 часа да поднесе жалба на одлуката за притворот.
Браќата добија ослободителни пресуди за кривичните дела изработка и набавка на оружје, оти немало доволно докази, а за прислушкуваните разговори воопшто не стана збор.
Обвинителот Јован Цветановски пред неколку месеци посочи дека при претресот во домот на Захир Бекири пронајдени биле обрасци за патни исправи, лични карти и други документи, како и опрема за фалсификување, преси, секачи и друго. Освен тоа, обвинителстото тврдеше дека при претресот на компјутерите на ова лице, пронајдени биле фајлови на десетици илјади телефонски разговори.
На тогашната прес-конференцијата не беа дозволени новинарски прашања, а во јавноста се повеќе се интензивираа прашањата за тоа како десетици илјади разговори се нашле во приватниот компјутер на Бекири, дали се тоа „бомбите“ на опозицијата, дали некој му ги предал на Бекири тонските материјали или истите се подметнати? На овие прашања се уште нема одговори.
Во судскиот процес обвинетите се бранеа дека електронските обрасци и опремата пронајдена во нивниот дом е подметната од полицијата, а податоци во компјутерите биле менувани. Обвинителството ги демантираше ваквите тврдења и пред финалната пресуда побара да се земат в предвид и мислењата на вештаците.
-Обвинителството очекува Судот да има во предвид дека експертите за компјутерските науки –вештаците недвосмислено потврдија дека евентуално дополнително внесување на податоци во компјутерите на обвинетите не би можело да остане сокриено, напротив истото би довело до оставање на траги врз електронските записи, што во конкретниот случај при вештачењето воопшто не е утврдено, посочија вчера во соопштение од Обвинителството.
Адвокатот на Бекири,Мирослав Вујиќ по денешната пресуда соопшти дека досега нема никакви докази од вештачењето на прислушуваните разговори.
-Имавме четири главни расправи, имаме се уште обвинителен предлог, вие бевте присутни тука, јас навистина не видов ниту еден таков аудио или некој фајл којшто укажува на такво нешто, каде се тие фајлови и дали постојат воопшто, треба да ни одговори некој друг, не ние. Се она што беше презентирано е фајлови и писмени докази, за прислушувања нема ни во постапката – ни во обвинението, рече Вујиќ.
НОВИНАРОТ И СВЕДОК ЉУБИША АРСИЌ: СЕ СОМНЕВАМ ДЕКА СЛУЧАЈОТ Е ЗАТВОРЕН
Новинарот на неделникот Фокус кој ја објави аферата за 30.000 фалисификувани лични карти смета дека со пресудата случајот не е затворен. Во своето сведочење тој пред судот посочи дека непознато лице му предало 105 лични карти, но одби да го обелодени изворот.
Арсиќ смета дека Обвинителството ги „премолчи“ снимките со цел да не предизвика реакција од Спеицјалното јавно обивнителство.
-Кога во јавноста се објавија приватни разговори многумина коментираа дека тоа се снимки на Чауш. Но, зошто обвинителството ги премолча? Според мене, затоа што ако ги опфатеше прислушуваните материјали, ако навистина постоеја, тогаш ќе испровоцираа реакција на Специјалното јавно обвинителство кое ќе сакаше да воспостави надлежност врз ова досие. За да не го изгуби предметот и за да може да се осуди Чаушот, обвинителството изгледа дека спас најде во игнорирањето на снимките, што ако навистина ги поседувал осудениот тогаш тоа е далеку поголемо кривично дело од фалсификување исправи. Оттаму, јавното обвинителство ќе мора да објасни каде се снимките, дали им е утврдена автентичност, од каде потекнуваат и клучното, зошто не завршија во обвинителниот акт. Дополнително, обвинителството ќе мора да објасни зошто никаде го нема Аднан Сума, лицето кое беше приведено истиот дек со Чаушот и кај кое беа пронајдени исто така материјали и опрема за фалсификување. Каква е сега неговата улога не знае никој, вели Арсиќ во изјава за НОВА.
Според него спорно е што никаде ги нема снимките, ниту пасошите од скандалот што Фокус го објави пред година и половина, ако не е утврдено каде и кој ги печател личните карти и со каква цел, затоа што кај Чаушот според обвинението е пронајдена само базата на податоци со лицата чии идентитети се злоупотребиле.
-Не знам дали ова е поткрепа дека тој ги произведувал, и ако нема утврдено за што биле наменети таквите лични карти, тогаш не знам дали можеме случајот и да го наречеме Фабрика за афери и уште повеќе, да го сметаме дека е решен. Малкумина напишаа дека Чаушот е одговорен по неколку точки, од кои, освен таа со базата на податоци за личните карти, другите се занемарливи, односно се однесуваат на поединечни случаи со фалсификувана лекарска документација, возачка дозвола и некои „ситни“ документи, што е уште еден аргумент дека крајот на овој дел од случајот не е воопшто како најавата на МВР на почетокот, вели тој.
ФАБРИКАТА ЗА АФЕРИ ВЛЕЗЕ И ВО СОБРАНИЕТО
Веднаш по формирање на Анкетната комисија за скандалот со прислушување – обврска која произлезе од Договорот од Пржино за утврдување на политичка одговорност за скандалот со прислушување, во Собранието се појави предлог и за формирање Анкетна комисија за фабриката за афери.
„Квази анкетна Комисија“, „Контра-Комисија“ и „бурлеска“. Вака опозициските пратеници ја квалификуваа Комисијата за „фабриката за афери“ која ја бојкотираа од самиот почеток. Според опозицијата целта на „контра-анкетната комисија“ била за да се дефокусира јавноста. Комисијата воопшто не ни заживеа, а власта пак, бојкотот го окарактеризира како обид на опозицијата да избега од вистината за тоа кој фалсификувал.
Во меѓувреме и провладините медиуми во текот на изминатите месеци се водеше интензивна кампања за поврзаноста на осомничените во фабриката за афери со врвот на власта. Фотографии од Чауш во кабинетот на Заев, фотографии со Чауш, Заев и екс министерот з авнатрешни Оливер Спасовски во континуитет се вртеа со месеци во телевизиските дневници на провладините медиуми.
ПАРТИСКИ ПРЕПУКУВАЊA СО МЕСЕЦИ
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ со месеци тврдеше дека постои сомневање оти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски директно бил во комуникација со осомничените во случајот.
-Постојат сериозни индиции СДСМ учествувале во фабрикување на афери исто како што постојат сериозни информации основи за сомнение дека нелегално прибавени телефонски разговори од граѓаните ги дале на криминалци со тапија.
Ако навистина Оливер Спасовски сака да биде искрен со јавноста мора да почне да дава одгвоори, меѓудругите и тоа дали разговарале со Зоран Заев во моментите кога се апселе криминалците и што било темата на разговор?авноста бара одговори. Јавноста бара одговорност. Тоа е она кое што Оливер Спасовски најмалку може да го направи.“ се велеше во соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицискиот лидер Заев тврдеше дека единствената комуникација со Чауш била на релација на лидер на партија и член.
–Оставете истрагата да го покаже тоа. Јас го потврдив она што го знам. Не сум личен пријател со него. Само партиска комуникација, кога сум бил во Гази Баба или тој бил кај мене, рече Заев во гостување на Сител телевизија.
Наводите за инволвираност во скандалот ги демантираше и Спасовски.
– Личните карти се предадени во МВР и утврдено е дека се фалсификати, истрагата ја води Јавен обвинител и допрва ќе бидат објавувани информации. Бесмислената пропаганда и хаосот што се создава во јавноста нема да го спречи МВР, ниту мене како најодговорен во оваа институција да спроведеме професионална, кредибилна истрага, како што доликува на државен орган и да ги откриеме сите злоупотреби и сите аспекти поврзани со фалсификуваните лични карти, рече Спасовски.
Неколку месеци подоцна, политичка одговорност за случајот не понесе никој. Остана и дилемата како прислушуваните разговори се нашле во домот на Чаушот, зошто судот и обвинителство воопшто во текот на расправијата за случајот не ги земаа в предвид прислушуваните разговори, и прашање кое над две години се провлекува: Кој изврши масовно и незаконско прислушување на илјадници граѓани во Македонија?