Утрово започна регионалната конференција во организација на Европската комисија во Брисел „Проговори“ каде 400 новинари од Западен Балкан и Турција зборуваат за проблемите во однос на слободата на медиуми со кои се соочува регионот.
Први помеѓу панелистите беа претседателката на Самостојниот синдикат на медиуми и медиумски работници Тамара Чаусидис и вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими. Бесими се пофали со законот за декриминализација донесен во дијалог со ЗНМ, но истакна дека останува предизвикот да се донесе предложениот закон за медиуми од кој сите страни би биле задоволни.
-Најдобро е да работиме партнерски – владата да работи на регулатива која ќе ја гарантира слободата на медиуми, а новинарите да работат на саморегулација со цел подигање на етичките и професионални стандарди, и вака ќе работиме во иднина, истакна Бесими.
По него зборуваше Тамара Чаусидис чиј жесток говор заврши со аплауз од стотиците гости на конференцијата. Чаусидис ги истакна главните проблеми во новинарството како притисоците од власта, цензурата, самоцензурата, но се осврна и на реториката на Брисел кон македонските новинарите и начинот на кој таа се менува во зависност од политичките пазари кои Брисел ги прави со владата.
-Кога станува збор за европската администрација нивните критики варираат во зависност од тоа што владата ветува и како се пазарат со Брисел. Слободата на говор во Макеоднија стана заложник на спорот на името, што е неприфатливо, истакна Чаусидис.