Втор ден од јавната расправа се одржа денеска во Собранието на Република Македонија за Предлог законот за медиуми, за кој како и вчера мислењата на медиумските работници и експерти се крајно спротиставени.
Дел од новинарите и новинарските асоцијации сметаат дека законот не е потребен и бараат итно повлекување.
Оние кои застанаа во одбрана на законот за медиуми се уверени дека по изгласувањето на законот ќе се стави ред во новинарството и медиумската сфера во земјава.
Првото излагање на денешната расправа за предлог законот за медиуми беше на министерот за информатичко општество, Иво Ивановски.
Според Ивановсли, регулативата ќе обезбеди независно новинарство, слобода на изразување, поголеми права на новинарите и поголеми обврски за сопствениците на медиумите, се со цел да овозможи развој на медиумскиот сектор.
Меѓу предлозите кои им беа упатени до пратениците на денашната јавна расправа за предлог законот за медиуми, со цел да се подобри регулативата и да се усогласи со барањата и потребите на новинарскиот свет, новинарката Мирка Велиновска побара во медиумската сфера да се воведе лиценца за пропагандист новинар, која ќе разграничи што е објективно новинарство, а што диктирано.
– Предлагам да се допрецизираат оние кои ќе се одлучат да вршат пропаганда за одредени центри на моќ, без разлика дали внатрешни, надворешни или фирми. Оние што застапуваат интереси на одредена целна група да се легитимираат како пропагандист или лобист, треба да се воведат лиценци за тоа, само за да се знае разликата, рече Велиновска.
Од друга страна пак, новинарите кои не го одобруваат законот, повторно побараа тој да биде повлечен затоа што правните акти кои ги содржи веќе се дел од постоечкиот закон за радиодифузна дејност.
Според претседателот на Синдикатот на новинари, Тамара Чаусидис, проблем претставуваат последиците кои ќе се појават по воведувањето на законот, а при што на удар ќе бидат критички поставените новинари.
– Овој закон е дефинитивна пресметка со новинарството по сите обиди да се замолчи слободата на изразување. Денеска во Македонија критичкото новинарство е стигматизирано како предавничко, новинарите се предмет на прогон и дискредитација и се етикетирани затоа што се финансирани од надворешни донатори. Ефектот на апсењето на Кежаровски е застрашувачки и ја намалува храброста за слободно и истражувачко новинарство. Ако Владата сакаше да им помогне на новинарите ќе обезбедеше обврска кај работодавачите за здравствено и пензиско осигурување, рече Чаусидис.
Новинарот од Утрински весник, Ерол Ризаов, рече дека носењето на ваков закон за медиуми ќе значи ограничување на слободата на новинарот.
-Не сум сретнал новинар, а го поминав светот, кој сакал закон со кој ќе му се ограничи слободата. Крунскиот проблем на Македонија е што нема демократија. Во таков систем ниту еден закон не може да ја оправи состојбата во новинарството.
Тој додаде дека во Македонија од 2008 година има страотен пад на слободата на медиумите со што од 34 место, според извештаите на релевантните институции се најдовме на 116 место.
-Се сеќавам дека кога Иванов беше избран за претседател на државата, соопшти дека слободата на медиумите ќе биде на неговата работна агенда и дека ќе се потруди од 34 место на кое бевме тогаш уште да го подобри. Еве на крајот од неговиот мандат за жал ние паднавме на 116 место, рече Ризаов.
Миленко Неделковски пак, смета дека е безобразно и вулгарно што се бара „интернет порталството да не се регулира со ништо“.
– Ми наметнувате мене обврска како новинар да бидам одговорен, а ја одземате таа обврска од оваа интернет сфера. Барам да бидат евидентирани порталите па да се знае ако има спин, навреда, клевета, кој го пишал, кој го одобрил. Повеќето портали немаат ни адреса за да може да доставите демант, тој дел мора да се регулира – рече Неделковски.
Двете расправи посветени на медиумските закони, вчера и денеска што се одржаа во организација на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија. Пред нивното донесување, како што најави вчера министерот Ивановски, на 13 август ќе се одржи уште една со експерти од ОБСЕ, Советот на Европа и TAIEX.