Европратеници од четири политички групи во Европскиот парламент најавија дека ќе го поддржат претстојното гласање на недоверба против претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, што ќе се реализира следната недела во Стразбур.
В четврток ќе се гласаат два предлога – еден од групата „Патриоти за Европа“ и друг од Левицата. Според најавите, „Европа на суверените нации“ ќе го поддржи предлогот на „Патриоти за Европа“ и ќе се воздржи од иницијативата на Левицата. „Европските конзервативци и реформисти“ сè уште немаат заеднички став, но дел од нивните пратеници се очекува да го поддржат предлогот на Левицата.
„Патриоти за Европа“ ја обвинуваат Фон дер Лајен за финансиски скандали, недостиг на транспарентност во работата на ЕК, неуспешно справување со миграцијата и трговски договори со САД. Левицата, пак, ја критикува поради политиката кон Појасот Газа, заштитата на природата и склучувањето на меѓународни трговски договори, меѓу кои и со Вашингтон.
Расправата е закажана за понеделник, а за успех на гласањата потребно е двотретинско мнозинство од подадените гласови.
Првото гласање за недоверба против Фон дер Лајен беше на 10 јули, по иницијатива на Европските конзервативци и реформисти, но не успеа. Тогаш таа изјави дека таквите обиди се поддржани од непријателите на ЕУ, меѓу кои ја спомена и Русија.