Четворица загинати, а 13 се повредени во силната експлозија во Термоелектраната „Косово А“ во Обилиќ, близу Приштина, информираше полицијата.
Експлозијата, според косовските медиуми, била толку јака што се почувствувала во Приштина, граѓаните на Обилиќ пријавиле и штетина на куќите и становите.
Стручните тимови се на терен, полицијата го блокираше пристапот до електраната, а во моментот се прават напори да се спречи можната втора експлозија.
Фото: Gazeta Express
Косовскиот премиер Хашим Тачи, кој за Радио телевизија Косово изјави дека експлодирала боца со гас и од местото на експлозијата повика да не се создава паника.
– Опасноста не е мината, но е изолирана опасната зона. Сите специјализирани тимови се подготвени. Евакуирани се сите работници, бидејќи опасноста уште не мината. Јас сум со работниците, тука е и министерот Исмаили, сите сме тука за да помогнеме при спасувањето на луѓето, рече Тачи, кој поради експлозијата ги откажа сите предизборни активности.
Шефот на Итната медицинска помош, Басри Лејани, изјавил дека сите 13 повредени се надвор од животна опасност и не се очекува нивната здравствена состојба да се влоши.
Фото: Gazeta Express
Едмонд Нуљеши, директор на услуги во Енергетската корпорација на Косово рече дека до несреќата дошло во единицата за електролиза, што предизвикало силна експлозија, која се почувствувала и во Приштина.