Фудбалерите на Манчестер сити го „уништија“ Вотфорд во ФА куп финалето за рекордна четврта титула во сезоната. „Граѓаните“ славеа со 6:0 на „Вембли“ и станаа први во англиската фудбалска историја што ги комплетираа сите домашни фронтови. Претходно го освоија пехарот во Комјунити шилд, во февруари Лига купот, минатиот викенд Премиерлигата, а сега и националниот куп.
Хет-трик постигна Рахим Стерлинг во 38. минута, во 81. минута и во 87. минута, Давид Силва погоди во 26. минута, Кевин де Брујне во 61. минута, а Габриел Жезус во 68. минута. Шест гола во мечевите за титула во ФА купот досега имаа постигнато уште Блекбурн во 1890 година и Бјури во 1903 година.
Титулата на Манчестер сити во ФА купот ја слават и во тимот на Вулверхемтон кој ќе игра во квалификациите за Лига Европа.