Краткометражниот филм „Четврток“ од Милчо Манчевски ќе се прикажува на италијанската национална телевизија RAI во рамките на Rai Movie – канал посветен на кинематографската уметност.
Проекцијата ќе биде во рамките на емисија посветена на јубилејното70-то издание на филмскиот фестивал во Венеција.
„Четврток“ ја доживее светската премиера на отварањето на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција на 28-ми овој месец. Овогодишното, јубилејно, 70-то издание на фестивалот се отвори со двојна проекција: по проекцијата на филмот „Gravity“ на Алфонсо Куарон беше прикажан специјалниот проект „Future Reloaded“ во рамките на кој е вклопен и „Четврток“ на Манчевски.
Сценариото е на Манчевски, продуцент е Арон Левин, а во главната улога настапува младата глумица Лора Ласи. Директор на фотографијата е Уна Ли, монтажер Питер Мостерт, а композитор на музиката е Игор Василев Новоградска. Филмот е снимен во Њујорк и претставува американска продукција.