Човекот за кој сега говориме има само едно око. Со тоа мало, подзамижано едно око избрал да ги насетува сенките, затоа што само тоа му останало и сега е такво свиснато тоа око, капаците му натежнале, значи со тоа едно око, тој подгледнува, но не гледа.
Ниту сака да гледа, ниту пак, за волја на вистината и има што да се гледа во тој негов свет кој сам го создал, во кој решил да векува, да се осами, да се склупчи во некој агол и да го проживее животецот.
Може да досегне до сопствената улица со такво око, да ја најде, за тоа и ако бидеме чесни, тоа око и не му е потребно, може да го превие и со црн превез, патот е предвидлив, можеби има препреки, но тој веќе ги запознал, ги засакал, ги вдомил во чекорите како свои.
Одот по улицата нема изненадувања, нема волшепства, никакви чуда одамна не се случиле.
Човекот мрази кога му затупува срцето од страв, од некои нови патчиња кои се создале сами, на тој стар, познат пат, на неговата улица.
Тој ги избегнува новите патчиња што се рачваат, тие го избезумуваат, му создаваат грутка, тој веќе се запишал во книгата на самодоволност, некако да се преживее, ако може, но ако тоа не е возможно, тој и со тоа се помирува.
Човекот за кој говориме сам си го пресекол јазикот, своеволно, се помирил со изборот на едното око, на устата на која не и е потребен говор, на умот кој полесно починува кога знае со децении само една улица, еден пат и еден кревет кој со сите тие години се измастил, се расклатил, и тој кревет премалел како човекот за кој сега говориме.
Така без јазик, човекот и нема многу што да каже- доволно станал скиснат со годините, за да не посака и побара повеќе од засолништето и сигурноста која ја има со таа една улица, тоа место за живеење каде што завршува улицата и сиот негов свет.
Човекот избрал и да снема уши, да ги поклопи, да ги зачепи, да не ги брои во деловите на телото, да се откаже дури и од своето постоење, но уши, очи и уста тој сам со себе потпиша дека не му се потребни.
Човекот едното полузамижано око понекогаш ќе го подотвореше- колку да види до каде стигнало ѓубрето во неговата улица. Тоа ѓубре дрско патуваше секој ден се поблиску до неговата врата, до неговото живеалиште. Низ годините окото не издржуваше, па и самото, без помош на човекот се креваше. Окото сакаше да ги запознае чудата без волја на нашиов човек за гој сега говориме. Сакаше да ги види оние амбасадори кои иако се менуваа низ тие години, не ги менуваа навиките, да му ги собираат ѓубрињата пред окото на човекот.
Вистина, човекот се плашеше од нивните пластични кеси, во нив тие луѓе кои доаѓаа од други патишта ги имаа нашите докази за залудно поминатите животи, се што сме фрлиле и сме се откажале, тие прибираа и сортираа. Секако дека се беше фрлено на крајот, но со некаква грижливост и фокусираност која човекот за кој сега говориме, се плашеше и стравуваше.
Затоа што нему му беше полесно во отпадот, во смрдеата, во реата која се ширеше низ неговата улица, а која продолжуваше по сите патчиња, улици и патишта кои тој никогаш не посака да ги види.
Човекот сакаше да остане сам, нем, глув, слеп, да остане очаен, само во својата улица, никаде подалеку или подобро. Човекот не знаеше за подобро, затоа што, ако чесно настапиме, мора да се признае- дека и никој не му ја пружи раката за некаде да го одведе, барем да го направи чекорот подолу од улицата, пред да реши да ги прескокне ѓубрињата, да ги собере, за да не му попречуваат.
Многу нешта на човекот можеше да му се дадат, низ годините, низ децениите. Сега кога ги гледа со едното око мимиките кои му одбележуваат нови патишта и му покажуваат бришење на граници, тој не разбира за што станува збор.
Тој досега ја знаеше само својата сиромаштија, на кесето, на скинатиот џеб, на едното патче низ кое се движеше низ животот, на умот кој самиот реши да остане заробен, за полесно да го сочува мирот. Окото не сакаше да пушти солза за сето што беше изгубено, затоа што уморот на умот ги диригираше сите останати функции.
Сега кога ѓубрето пред неговата врата скапува, ден-два, можеби недела, сега пак се подотвора окото, сега тоа око гледа повеќе раце од вообичаените, оние амбасадорските.
Сега препознава дека кога се приближуваа низ улицата, сега доаѓаат и други обриси на непознати за него луѓе, сега некои нови раце се пробиваат низ ѓубрето и го повикуваат човекот за кој говориме да им ги подаде кесите и заедно да почнат. Од нешто да почнат заедно, најпрво од ѓубрето кое изминатава деценија нашиот човек го затрупуваше.
Станува сега се повеќе јасно дека не е вистина дека човекот не ја сакаше европска Македонија. Тој не знае за што се говори, која е таа европска Македонија, што е тоа, зошто сето тоа. Човекот иако отупел, иако се откажал од себе, тој, ако го прашате, ќе ви признае дека ништо од сето тоа не знаел никогаш.
Добро е на човекот само да му се покаже најмалото патче кое се одметнало од оној негов пат што само тој го знае и препознава. Ако знае дека тој нов пат е отворен за него, лесно ќе се заборават старите патеки, старите навики, старото око, устата која не ја користи, ушите од кои се окажал. Човек на подобро секогаш се навикнува, само да знае, само да дознае, само некој да има да му каже.