Ана Чупеска: Забелешката на секој нормален граѓанин во земјава е дека нешто длабоко со судството не е во ред и дека се потребни реформи. И за мене лично, и на ниво на партија. Но, ова што го направи власта, со интерпелацијата, е многу опасна работа, затоа што е вонуставно и вонзаконски спроведена и е школски пример за мешање на извршната власт во судската власт, со нејзиното мнозинство во Собранието. Дали во ВМРО-ДПМНЕ воопшто се свесни што значи институтот интерпелација и за кого е наменет? И дали свесно ги заобиколуваат законските можности и облигации за разрешување на членовите според законот? Што значи тоа, дека утре ако му текне на мнозинството да ги разрешуваат уставните судии тоа ќе го направат? Ништо нема да се направи со разрешување на петте членови коишто имаат своја, ваква или онаква историја. Значи тука воопшто не станува збор за бранење на поединечни членови. Ние го браниме уставниот принцип за поделба на власта на законодавна, извршна и судска.