Граѓани од неколку општини во Македонија се јавиле деновиве во Цивил за да пријават дека ним лично, или на нивни блиски, им се врши голем притисок за да го дадат нивниот глас за еден или друг кандидат за градоначалник.
Во соопштението од Цивил се вели дека меѓу другите, граѓанка од една општина каде што има втор круг гласање известила дека лично еден од градоначалничките кандидати кои се „натпреваруваат“ во вториот изборен круг и се заканил дека доколку не ги добие гласовите од членовите од нејзиното семејство, еден од нив ќе добие отказ од работното место кое е под нивна контрола.
Цивил продолжува со прибирање на информации од теренот, кои ќе бидат дел од исцрпниот извештај за изборите, а истовремено ќе ги информира релевантните домашни институции и организации, како и странски мисии.
Уште еднаш ги охрабрија граѓаните да го остварат своето право на глас слободно и независно од притисоците од било која страна, бидејќи правдата и законите се на нивна страна.