Партискиот активизам и кршењето на изборниот молк не престанаа ниту денес ниту во текот на вчерашниот ден, констаираше на третата по ред за денеска прес-конференција, Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
Тој изрази голема загриженост за над 10-те инциденти во кои како што рече нивните набљудувачи биле избркани од изборните места и биле навредувани. Во Шуто Оризари бил избегнат физички напад врз една набљудувачка.
„Не веруваме дека овој ден на гласање беше фер, демократски и слободен, низа од овие нерегуларности кои се провлекуваат со години назад се неприфатливи и мораме да воспоставиме нулта толеранција“, рече Дерала.
Забележано е непрописно присуство на униформираниот дел на полицијата внатре во избирачките места, информира ЦИВИЛ.
„Наш набљудувач е легитимиран и испрашуван од полициски службеник и покрај тоа што има уредна акредитација од ДИК. Што покажува дека јавните ресурси се добро експлоатирани во насока на нерегуларности“, рече Дерала.