ЦИВИЛ оценува дека локалните избори во 2025 година се одвиваа без поголеми инциденти, но под товар на длабоки структурни, институционални и политички слабости што го доведуваат во прашање интегритетот на изборниот процес и демократскиот капацитет на институциите и општеството.
ЦИВИЛ ја презентира својата прелиминарна оценка за вториот круг и целокупниот тек на локалните избори 2025 година. Според набљудувачите и аналитичкиот тим на организацијата, изборниот процес се одвиваше во формален ред, но со сериозни системски и институционални недостатоци што ја поткопуваат довербата на граѓанките и граѓаните во изборниот систем.
Иако изборниот ден и во вториот круг на локалните избори помина без поголеми инциденти, зад навременото отворање на избирачките места и административниот ред беа скриени длабоки слабости, политизација и институционална инертност. Изборите беа обележани со масовно и дрско кршење на изборниот молк, притисоци врз гласачите, наводи и индиции за изборен поткуп, како и дискриминација и повреди на тајноста на гласањето на повеќе избирачки места.
Најсериозен показател за институционален неуспех е неажурираниот Избирачки список, во кој и понатаму фигурираат починати лица. Фингерпринт апаратите повторно предизвикаа проблеми и застои, а пристапноста на избирачките места за лица со попреченост останува хроничен проблем.
ЦИВИЛ особено укажува на екстремните националистички наративи и етничката мобилизација, кои го изместија фокусот од локалните политики кон идентитетски, национални, па и геополитички теми, поттикнувајќи страв и поделби наместо визија и одговорност.

