Повредите се случуваат и на работа и во домашни услови. Гледаме најразлични типови на повреди, од оние на машини за сечење лимови, профили, дрва, циркулари, брусилици, машини за косење, машини за мелење пченка итн. Тие се случуваат на работните места, но почесто и дома кога пациентите сметаат дека самите можат да завршат некоја работа во дворот, најчесто без никаква заштитна опрема. Ние ги знаеме и типот на работата на машините, со што можеме и да претпоставиме каква ќе биде повредата и што да очекуваме. Секако ги имаме и повредите во домот и тоа од миксери, машини за мелење, сечење со нож, коишто, исто така не се наивни повреди. Во тој случај, почесто ги гледаме повредени жените, одговара доц. д-р Софија Пејкова, директорка на Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија во интервјуто за НоваТВ.
Во оваа установа во минатата недела му беше успешно реплантирана десната подлактица на 54 – годишниот Џафер Алија. Работејќи со моторна пила пред месец и пол Џафер се самоповредил и си ја отсекол подлактицата. Од Клиниката, каде бил примен во тешка здравствена состојба, пред неколку дена тој си замина дома, пресреќен што лекарскиот тим успеал да му ја спаси раката. Пред околу две години тука беше успешно оперирана и пациентка од Скопје која се повредила работејќи на машина за мелење месо во трговски ланец, при што раката ѝ била згмечена, со многу скршеници, но за среќа, не била откината.
Д-р Пејкова, колку е сложена оваа интервенција – реплантација на дел од екстремитетот, во која учествуваа и други колеги хирурзи и други специјалисти ? Што е најкомплицирано при ваков зафат кој дури три децении не бил направен на Клиника?
– Реплантација на екстремитет е една од најкомплицираните хируршки процедури воопшто. Опфаќа реконструкција на сите ткива, почнувајќи од коските, анастомозирање на венски и артериски крвни садови, реконструкција на нервите на екстремитетот, поправка на мускулно-тетивниот апарат, кој на подлактицата опфаќа 20 мускули и уште повеќе тетиви, па, на крајот, да се погрижиме и за кожната покривка. За изведување на сите овие процедури потребни се хирурзи од повеќе специјалности, вклучувајќи трауматолог, васкуларен хирург и пластичен и реконструктивен хирург, се разбира, со огромна подршка од анестезиолог. Секоја алка од хируршкиот зафат е неопходен за да се направи реплантацијата, но и да се добие функционален екстремитет.
Што е најважно, освен способен лекарски тим, за некој повреден да биде успешно опериран по вакви несреќи?
– За да се има добар резултат, повеќе работи се во прашање, а се водиме од принципите во пластичната и реконструктивна хирургија и нашите искуства. Сè почнува од прегледот на пациентот и историјата за настаната повреда. Најпрво ампутираниот екстремитет, прст или шака, треба да е во состојба што може да се реплантира т.е. зачува. Тоа зависи од типот на повредата. Многу често конвасантни повреди т.е. згмечувања на екстремитетот, експлозивни повреди и слично, не оставаат простор да се направи ваков оперативен зафат. Потоа зависи и од општата состојба на пациентот, дали е во животозагрозувачка состојба, кога предност се дава да се спаси животот на пациентот.
Каква итна помош мора да се укаже од најблискиот што ќе се најде до повредениот кому му е откината шака, подлактица, прст?
– Ампутација на екстремитет е тешка повреда. Во прв момент не се работи само за зачувување на екстремитетот, туку за спасување на животот на пациентот. Насоките и правилата за секоја потешка повреда започнуваат од исто место. Се бара итна медицинска помош. Кога станува збор за ваков тип на повреда, потребно е да се направи компресија со чиста крпа на местото на повредата со што ќе се запре или намали крварењето. Доколку станува збор за комплетно откинување на дел од екстремитетот, истиот треба да завитка во чиста крпа, да се стави во најлонска ќеса и да се постави на мраз – вели д-р Пејкова.
Се случило ли некогаш да можело да му биде реплантиран дел од орган на пациентот, а тоа, за жал, не било возможно, бидејќи несоодветно бил донесен откинатиот дел од екстремитетот?
– Како што веќе спомнав, доста е покомплициран процесот на решавање на овие повреди. Да, се случува да биде несоодветно донесен, но поголем проблем може да биде состојбата на ампутираниот дел, како и временскиот период од времето на повреда до операција, што во нашиот случај бараше да не биде подолг од 6 часа.
Во светски рамки, кој е процентот на успешност при овие операции?
– Станува збор за ретки повреди, особено во Европа, а истото е поради носењето заштитна опрема при работа. Бројките се разликуваат и во зависност од тоа за каков тип на ампутација се работи, на пример ампутација на единечен прст, повеќе прсти, комплетна ампутација на шака, цел горен екстремитет или стопало, нога… И, се разбира зависи од многу фактори. Од досегашните направени статистики за комплетна ампутација на шака, на светско ниво, успехот на реплантација е околу 70-80 отсто.
Овие интервенции бараат и специјална опрема, инструменти и друго. Располага ли Клиниката со сè што е неопходно за овие процедури ?
– Секако! Клиниката за Пластична и реконструктивна хирургија располага со хируршки инструментариум и сетови што ги задоволуват потребите за решавање на овие повреди.
За време на оваа сложена операција, заедно со целиот тим, сте биле во постојана комуникација со проф. д-р Оскар Азман, пластичен хирург од Медицинскиот универзитет во Виена и визитинг професор на Медицински факултет во Скопје. Кога беше „најгусто“ додека опериравте, чекавте ли на негова сугестија што да се прави или д-р Азман само ја надгледуваше интервенцијата?
– Со проф. д-р Оскар Азман имаме одлична повеќегодишна соработка. Како визитинг професор, тој редовно одржува предавања за нашите студенти и специјализанти на Медицинскиот факултет, но и консултации со наши пациенти за коишто ни е потребна неговата експертиза во областа на реконструкција на нерви и бионична реконструкција на горен екстремитет. И овој случај не беше исклучок. Како ретка повреда, не само во нашата земја туку и на европско ниво и тип на операција што не е направена долги години на нашата клиника, го искористивме неговото знаење и совети со цел за поуспешен резултат и задоволен пациент. Бидејќи не станува збор само за таа итна интервенција, туку сериозно и посветено следење на пациентот потоа. Пациентот е сега дома, но патот на неговата рехабилитација е долг и ние ќе бидеме секој чекор со него.
Што е уште важно за овие компликувани зафати, кои можеби се и во ранг на пресадување органи, бидејќи се оштетени крвни садови, ткива, коски, да завршат успешно ?
– Секоја операција е посебен предизвик, секоја состојба си носи одредена тежина и различен пристап и решавање. Од една страна, имате голема траума на организмот, а од друга, имате тешка болест. Она што секогаш е на прво место е пациентот како посебна личност и не мислам само на неговото физичко здравје, туку и на менталното. Соработката помеѓу пациентот и лекарот пред и по операцијата е доста битен момент. Секој доктор е најисполнет кога испраќа дома среќен и задоволен пациент – порачува д-р Софија Пејкова.
Да потстетиме, оваа комплексна интервенција, беше изведена од тим на стручни хирурзи и анестезиолози од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија: освен доц. д-р Пејкова, во операцијата учествуваа и колешките д-р Бисера Николовска и д-р Гордана Георгиева. Од Универзитетската клиника за кардиохиругија: д-р Мишел Андов, од Универзитетската клиника за трауматологија д-р Игор Мерџановски, од Универзитетската клиника за анестезија реанимација и интензивно лекување д-р Јасна Бушиноска.
Љубица Балабан