Премиерите на Србија и Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, денес повторно се на состанок со високата претставничка на ЕУ, Кетрин Ештон. Единствена тема на состанокот ќе биде примената на договорот од Брисел.
Ештон вчера имаше одделни состаноци како со Дачиќ, така и со косовскиот премиер Тачи.
Високата претставничка на ЕУ, после одржаните состаноци изјави дека е задоволна од разговорите.
„Многу сум задоволна што повтрно разговараме со премиерите Дачиќ и Тачи во Брисел. Апсолутно сум сигурна во нивната посветеност во напредок и спроведување на бриселскиот договор“, пренесе нејзината портпаролка Маја Коцијанич.
Европската комисија во април препорача Советот да ги започне преговорите со Србија, но конечната одлука да ја донесат шефовите на државите и владите на земјите членки на ЕУ, на 28 јуни во Брисел.