Најновата рунда на преговори меѓу Белград и Приштина во Брисел, 17-та по ред, донесе и договор околу спорната забрана на косовските власти за посетата на српските политичари на Косово за време на предизборната кампања за локалните избори закажани за 3 ноември.
„Факт е дека по средба со високиот претставник на ЕУ, Кетрин Ештон со премиерите на Србија и Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, ќе може да се олесни спроведувањето на престојните избори во Косово“, изјавил Кацин.
По состанокот со неговиот косовски колега Хашим Тачи, српскиот премиер Ивица Дачиќ изјавил дека двете страни договориле механизам кој ќе овозможи да се решат проблемите во врска со организирањето на изборите и дека српските функционери ќе можат да патуваат на Косово пред, за време и по завршувањето на изборите, јавува Макфакс.
Според Дачиќ дури сега треба да се види дали Приштина навистина ќе го почитува овој договор.
„Не можам 100 проценти да гарантирам дека тоа ќе биде така, бидејќи и порано се договаравме, но ништо од договореното не беше досега спроведено”, изјавил Дачиќ, но не прецизирал кога точно и тој самиот ќе го посети Косово.
Српскиот премиер додал и дека Приштина прифатила учество на српски преставници во косовската Централна изборна комисија (ЦИК) и другите надзорни органи.
„Се грижиме за тоа изборите да бидат фер и регуларни, и што повеќе Срби да излезат на гласање”, порачал Дачиќ.
Тачи пак, избегнал директно да одговори на тоа дали забраната за посетата на српските функционери е повлечена, но констатирал дека „ладната војна меѓу Србија и Косово е завршен”.
„Барањата за посетите ќе бидат решавани во согласност со процедурите во косовските институции”, изјавил косовскиот премиер.