Фрлена е ракавица на целиот свет, не само на Украина и на Европа. Можеби оваа војна потполно ќе го промени светот, можеби пак ќе живееме со железни завеси, но овој ужасен и умоболен атак на една европска држава, нема оправдување и Путин веројатно ќе застане во редот на диктатори запаметени по зло.
Пишува за НоваТВ: Тане Костадиновски (хроничар на руско-украинските односи и своевремено жител и во двете држави)
– Дали имаше поинаков пат за рационален компромис и разбирање на два братски народа како што се Украинците и Русите? – Сакам да верувам дека двете држави имале дипломатски патишта за избегнување на овој пат од кој нема враќање и е со неизвесен крај.
Во 90-тите години од минатиот век, работата ме однесе во Киев. Живеев и работев три години во големата Украина. Таму го научив и rускиот јазик, да , рускиот Јазик. Украински говор слушав, но крајно ретко. Воглавно службен јазик во Киев и пошироко беше рускиот. Радио, телевизија, суд, парламент, ресторани, метро, во разговор на улица, насекаде.
Никогаш не бев сведок на било каква русофобија, меѓунационална тензија или некакво нетрпение помеѓу Руси и Украинци. Чесно кажано им завидував на тој меѓусебен однос .
Прва „средба“ со некаков национален антагонизам имав во градот Лвов, западна Украина. Таму сите зборуваа украински јазик и, иако бев странец, скоро никој не ме удостои да зборува со мене на руски јазик.
Така и дознав за украинскиот национализам кој тогаш беше привилегија на западна Украина. Така ја запознав и приказната за Степан Бандера, украински националист, терорист и нацист од Втората светска војна. Бандера со своите нацистички чети заедно со фашистичкиот окупатор ликвидирал добар дел од осумте милиони загинати во Украина. Оваа историска приказка, тогаш ја слушав на едно уво, како темна сенка од минатото.
По 98-та, кариерата ја продолжив во Москва, Русија. Голема држава, голем град, многу нации, многу движење, многу комуникација со луѓе, но и таму, како и во Киев, не почувствував ни најмал антагонизам или било каква украинофобија. Би рекол дека тогаш всушност и голем дел од посакуваните гастарбајтери доаѓаа од посиромашната тогаш Украина.
Десет години по моето заминување од тие простори се случи март 2014 година, кога Крим распиша референдум и прогласи независност. Веднаш потоа Крим се изјасни за прием во Руската федерација што беше веднаш сторено. Секако, оваа сепаратистичка операција беше изведена со сесрдна политичка и воена помош од Русија. Верувам дека овој настан е конечниот и тотален пресврт во односите меѓу овие некогаш две братски земји. Конфронтација која ги доведе до оваа бесмислена војна за која не постои никакво оправдување. Недозволиво е во овој век Русија да стори вака ѕверска агресија на една современа држава со речиси 45 милиони граѓани меѓу кои има и 7-8 милиони луѓе од руска националност. Нема здрава логика во зборовите на Путин, кој опишувајќи го мотивот за оваа војна, вели дека ја ослободува Украина од „западно влијание, од нацисти и наркомани“.
Украина беше независна, европска држава со легитимна влада и парламент, избрани на легитимни државни избори од украинскиот народ и Путин нема право да го игнорира тој факт. Особено Путин нема право да зборува за некакви историски граници на Русија во Украина, како неодвоив дел од руската држава. Замислете што би се случило ако сите држави во светот решат да се вратат на своите некогашни историски граници. Би се случила 100 годишна војна, секој против секого по што би следел крајот на човечката цивилизација.
За жал, причините за ова безумие се кријат во поновата историја. Не може да го заборавиме фактот дека во 1994 година, Украина се откажа од атомското оружје кое го поседуваше тогаш. Деатомизацијата на Украина беше дел од меѓусебниот договор на новосоздадените држави, и договорот на Русија со НАТО. Во тој договор НАТО се обврза да не се доближува на руските граници, а деатомизацијата на ТОГАШ ТРЕТАТА АТОМСКА СИЛА ВО СВЕТОТ, Украина, беше гарант за неутралноста на Украина како еден вид бафер зона меѓу НАТО и Русија. Неколку години подоцна, под силно влијание на САД и американските разузнувачки служби, во Украина се зголеми украинскиот национализам.
Истовремено и либералниот однос кон неонацистичките никулци во Украина непречено се ширеа тогаш. Паралелно се зголеми русофобијата, почна да се истиснува, па и да се забранува рускиот јазик од ТВ, радио, училиштата, како и од институциите на системот. Очекувано, со ваква официјална русофобна политика, се поттикна рускиот сепаратизам во областите со претежно руски етникум како што се областите Крим, Доњецк, Луганск и други. Украинските политичари го заборавија фактот дека во Украина живеат 17-тина проценти Руси, при тоа одобрувајќи ги шовинистичките повици за „чиста“ Украина.
Русија не ја пропушти можноста во вакви изменети услови да ги поддржи политички, материјално и воено своите земјаци во Украина. Како резултат на новите меѓунационални односи ситуацијата во Украина ескалираше од ден на ден што го изроди отцепувањето на областа Крим во која живеат околу два милиона жители на територија еднаква на Македонија. Мнозинска нација на овој полуостров се Русите кои со референдум се отцепија од украинската држава, секако силно помогнати од Руската Федерација.
Светот 2014 година беше згрозен од тој сепаратистички чин на Крим, заборавајќи дека само 15-тина години претходно, западноевропските држави и НАТО силно го поддржаа сепаратизмот во Косово кој со самоформиран парламент без референдум донесе одлука за независност на нова држава Косово. Како знак на поддршка на оваа геополитичка промена на картата на Балканот, НАТО силите „казнено-поправно“ ја бомбардираа Србија цели 78 дена без прекин. Притоа загинаа илјадници луѓе користејќи осиромашен ураниум среде Европа, без срам и грижа на совест. Европа тогаш немаше ништо против, напротив ја поддржа бруталната акција на НАТО во Србија. Истата цивилизирана европа која е згрозена од сегашното Руското насилство, нели!. Ова, само да се потсетиме на настаните на крајот на не така далечниот 20ти век.
Сепак, да се вратиме на пост кримскиот период во Украина. По отцепувањето и анексијата на Крим, Русија и Украина преговараа и потпишаа „Мински договор 1 и 2“ во 2015 година. Минскиот договор требаше да ги регулира меѓусебните односи. Меѓу другото, со Минскиот договор, Украина зема обврска да подготви определена автономија на Луганската и Доњецката област со претежно етничко руско население. Договорите „Минск 1 и 2“ се потпишани со француско и германско менторство, без учество на САД. Искрено кажано, по потпишувањето на Минскиот договор, Украина наместо да почне процес на автономизација на источните области, испраќа воени единици во Луганската и Доњецката област кои започнуваат постојано и речиси секоедневно гранатирање на сепаратистичките позиции. Животот со секојдневно гранатирање од украинската армија на оваа голема територија стана начин на живеење на цивилното население цели осум години. Има податоци дека во периодот од 2015 година до оваа војна загинале 15.000 луѓе во Крим и пограничната Луганска и Доњецка област.
Како последица на оваа ескалација, Русија материјално и воено, долго ги поддржуваше сепаратистите од пограничните области што во февруари оваа година резултира со самопрогласување на независност и формирање на Луганска народна република (ЛНР) и Доњецка народна република (ДНР) кои веднаш и без задршка ги призна Руската федерација. Очигледно е дека овие настани биле долго и одамна испланирани со оглед на фактот дека Руската војска почна да се групира на границата со Украина од пролетта 2020 година, па сè до 24 февруари кога руската армија изврши ненајавена воена агресија на Украина од повеке правци. Очигледна цел на Путин е анексија на ЛНР И ДНР .
Но, една недела по започнување на оваа агресија е јасно дека стратешка цел биле и градовите Мариупол, Мелитопол, Херсон, а можеби и градот Запорожје. Во случај руската армија да ги оствари овие планови, Азовското Море станува во целост Руско море, како и поголем дел од Црноморскиот брег на Украина со се стратешки важниот Керчански залив. Според движењето на Руската армија и силните атаци во последните денови на Киев, на Харков и на Дњепропетровск, станува јасно дека можеби Путин сака да ја окупира цела источна Украина, до бреговите на реката Дњепар која ја дели земјата на западна и источна. Заземањето на Киев, на Путин ќе му овозможи да постави нова власт, нова украинска Рада и нов Претседател спонзорирани од Руската федерација.
Путин, како суверен владател на Русија во последните 20 години, се чувствува самоуверено. Денес тој има добри валутни резерви, околу 630 милијарди долари, со огромна воена машинерија и енормно количество на супероружје. Соодветно има и апсолутна внатрешна политичка контрола, како и апсолутна контрола на сите воени и полициски структури. Тоа чинам му го заматува реалниот и рационален поглед на светот, или пак човекот има визија за нов поредок во светот. Путин без сомнение е владател кој не може да се помири со фактот дека Русија не е „суперсила“, туку само голема и силна држава со многу нуклеарно наоружување. И затоа од негов агол гледано, Украина ќе биде местото на кое Путин ке се обиде да ја врати Русија во редот на „супер сили“ кои освен сила имаат регионално и глобално влијание на светскиот поредок.
Мотив повеќе за него за оваа неразумна војна е и фактот дека околу Русија се повеќе се стега НАТО обрачот кој со присуството на НАТО во Украина би го затворил овој смртоносен обрач за Русија. На ова треба да се додаде и внатрешното влијание на опозициските сили кои стануваат се поагресивни, сестрано помогнати од разни западни и прозападни агенции. Од тој агол, Путин очигледно гледа опасност за распад на Руската федерација на временска дистанца од 7-10 години. Не секогаш разумниот и постојан притисок врз Русија од страна на САД и НАТО постојаната антируска кампања, црн PR, како и материјалното помагање на сите опозициски сили го доведе Путин до патолошки страв „ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ“ по што тој реши да ја разбуди руската мечка која е многу опасна и несмасна.
Фрлена е ракавица на целиот свет, не само на Украина и Европа. Можеби оваа војна потполно ќе го промени светот, можеби пак ке живееме со железни завеси но овој ужасен и умоболен атак на една европска држава , нема оправдување и Путин веројатно ќе застане во редот на диктатори запаметени по зло. А за светот ке остане дилемата “ ДАЛИ ОВА МОРАШЕ ДАСЕ СЛУЧИ“.