Копенхаген: Данска ќе воведе задолжителен воен рок за жените една година порано од првично планираното – од 1-ви јули 2025 година, потврди министерот за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
Досега жените во данската армија можеа да учествуваат само на доброволна основа, додека мажите се обврзани да служат доколку се извлечени преку еден вид лотариски систем, што се користи во случај на недостиг на волонтери.
-Поради моменталната безбедносна ситуација, вооружените сили мора да привлечат повеќе регрути, рече Поулсен.
Воведувањето на обврската за жените е договорено во соработка со мнозинството парламентарни партии, а новиот правилник предвидува подолг стаж – наместо претходните четири месеци, ќе трае 11 месеци.
Со овој потег земјата и се приклучи на Норвешка, првата членка на НАТО која во 2015. година воведе задолжителен воен рок за жените, и Шведска, која го врати воениот рок во 2017. Година и го прошири и на жените.