Копенхаген: Данската влада воведе специјална ноќна смена во Министерството за надворешни работи со цел континуирано следење на изјавите и активностите на американскиот претседател Доналд Трамп.
Т.н. „ноќна стража“ започнува секој ден во 17 часот, а во 7 часот наутро подготвува извештај што се доставува до владата и релевантните државни институции, со преглед на тоа што Трамп кажал или направил во текот на ноќта според европско време.
Се смета дека системот бил воведен по пролетниот дипломатски спор околу Гренланд, кога Трамп изрази амбиции за американска контрола врз арктичкиот остров. Данските медиуми наведуваат дека ова е само еден од примерите за тоа како данската дипломатија морала да се прилагоди на вториот мандат на Трамп.
Извор од Министерството за надворешни работи за весникот Гардијан изјавил дека временската разлика и чувствителноста околу Гренланд биле клучни фактори за воспоставување на ноќната смена. Наместо постојано проверување вести на телефони, Министерството објаснува дека направиле „координиран напор“ за систематско следење и одржување контакт, објави британскиот Гардијан.

