Во разговор со НОВА Борче Давитковски потврдува дека утре ќе ја поднесе оставката од местото претседател на Комисијата за расчистување на инцидентите од 24 Декември во Парламентот.
-Шпекулациите се вистинити, за жал. Утре ја поднесувам оставката во Кабинетот на претседателот Иванов кој ми го врачи овој мандат, изјави Давитковски за НОВА и додаде дека за причините подетално ќе информира утре.
Претходно медиумите објавија дека оставката била поднесена уште денеска. Според агенцијата Макфакс, Давитковски оставката ја поднесува бидејќи не успеал да обезбеди мнозинство подршка од членовите за препораките и заклучоците што ги подготви во соработка со двајца експерти од ЕУ.
Неговите препораки предвидуваа одговорноста за инцидентите да биде поделена и тоа власта да биде одговорна за исфрлањето на новинарите и пратениците од собраниската сала, а опозицијата да биде одговорна за блокирањето на работата на Собранието.
Комисијата беше формирана под покровителство на претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов како услов од политичкиот договор од 1 Март со кој опозицијата се врати назад во парламентот по повеќемесечната блокада.
Комисијата има уште еден месец рок да донесе заклучоци, но со оглед на фактот што остана без претседател, најверојатно ќе биде предложена пауза од 10 дена, во кои би требало да се консолидира.