Тајландските власти почнаа ризична операција на извлекување на 12-темина момчиња и на нивниот фудбалски тренер, кои веќе две недели се заглавени во пештерите.
Групата e заробена на мал гребен на 4 километри во внатрешноста на пештерата Там Луанг, но поради стравувањата дека нивото на водата може да се зголеми, официјалните лица одлучија дека повеќе не смеат да чекаат.
Властите го нарекоа денот Д и изјавија дека момчињата се подготвени да се движат.
Регионалниот гувернер Наронгсак Осотанакорн, кој ја предводи операцијата, потврди дека 18-мина нуркачи ќе учествуваат во операцијата.
„Ова е денот Д. Мора да ја искористиме оваа можност. Децата беа посетени од лекари, кои заклучија дека тие се физички и психички подготвени. Тие се посветени и фокусирани. Групата и нивните семејства дадоа дозвола извлекувањето да почне што е можно поскоро“, изјави Осотанакорн.
Двајца нуркачи ќе го придружуваат секое момче, носејќи маски на лицата додека ги поминуваат премините со јаже. Целта е да стигнат до третата комора која е исушена до степен да е можно да се оди по неа, и да стигнат до влезот во пештерата во која влегле на 23 јуни.