Годинешното 23. издание на манифестацијата „Ден на македонската поезија во Шведска“ ќе биде отворено денеска, овојпат се одржува во соработка со Градската библитека во Гетеборг, а во фоајето на гетеборшкиот Градски музеј.
Гости од Македонија годинава се македонските автори – поетот Славе Ѓорго Димоски, кој е и актуелен претседател на Струшките вечери на поезијата и Венко Андоновски, универзитетски професор, литературен теоретичар, прозаист и колумнист.
Во рамките на програмата ќе настапат петнаесетина поети, а ќе бидат претставени и неколку нови поетски збирки, како и најнови преводи на шведска литература на македонски, вклучувајќи ги и македонските преводи на драмите на шведскиот класик Аугуст Стриндберг.
Ќе биде претставено и двојазичното македонско-шведско издание „Тајни ветрови“, кое содржи избор од поезијата на македонските поети Бранко Цветкоски, Славе Ѓорго Димоски и Братислав Ташковски.