Италија прогласи ден на жалост, откако вчера бродот со 500 мигранти потона близу островот Лампедуза.
Пронадени се 103 тела, а десетици биле заробени во бродот кој потона на километар од брегот. Спасени се над 150 луѓе, а останатите 200 кои биле на бродот не се пронајдени. Според ОН најголем број биле од Еритреја и Сомалија.
„Ова е огромна трагедија“, рече градоначалникот на Лампедуза Џузи Николини, кој информираше дека меѓу жртвите има најмалку едно дете на тригодишна возраст и бремена жена.
Италијанскиот претседател Џорџо Наполитано изјави дека мора да се патролира на африканскиот брег, со цел да се спречат мигрантите да стигнат во Европа.
„Неопходно е да се стави крај на криминалното криумчарење луѓе, а тоа мора да се направи во соработка со земјите од каде доаѓаат мигрантите и барателите на азил“, нагласи Наполитано. Тој потенцираше и дека е непридатливо што Фронтекс, Агенцијата на ЕУ за заштита на границите, не реагирала без одложување со соодветни механизми.
Во понеделникот 13 мажи се удавија обидувајќисе да стигнат до Сицилија, кога нивниот брод потона на само неколку метри од брегот.