Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, за ТВ Алфа изјави дека Комисијата дополнително ќе одлучи дали ќе има рачно пребројување на гласовите.
Јас сум сигурен во она што го работев два дена и два ноќи, и сум сигурен дека добро е сработено – рече тој на Алфа.
Тој истакна дека хакерскиот напад се случи кога почнаа да се објавуваат резултатите од избирачките места.
Прашан за кривичните пријави против членовите на ДИК кои ги најави лидерот на Левица Димитар Апасиев, Дерковски кажа дека ќе се воздржи од коментар, за потоа да каже дека изборното право веројатно му е слаба страна на професорот:
-Јас не би ги коментирал. Мислам дека делува повеќе од политички побуди. Би било невкусно да ги коментираме. Апасиев пред некој ден изјави дека е голем скандал дека нема сериски број на избирачкото ливче.
Веројатно избирачкото право му е слаба страна. Сериски број има на кочанот, не на ливчето. Причината е за да се заштити тајноста на гласањето. Ако поднесува кривични пријави нека поднесе, има органи нека постапуваат.